Премиерот Зоран Заев денеска, во просториите на Владата, оствари средба со пратеникот од Беса кој „се засолни“ на денот на гласањето недоверба на Владата – Кастриот Реџепи.
На средбата, како што информираат од Владата, двајцата уште еднаш ја потврдиле заедничката заложба за одржување и зајакнување на реформскиот и европскиот курс на земјата, како определба на огромното мнозинство граѓани на земјава.
Како што соопшти владината прес-служба, Заев и Реџепи низ разговорот потенцирале дека во последните години државата и народот направија големи чекори за обезбедување сигурна и безбедна иднина, при што изразиле уверување дека народната волја за мирно и заедничко живеење во Северна Македонија и натаму ќе биде изразена преку стабилно демократско мнозинство во Парламентот.
„Двајцата соговорници се согласни дека односите меѓу Македонците, Албанците и сите други етнички заедници во Северна Македонија се братски, пријателски и другарски и дека сите политички чинители имаат и обврска и одговорност овие односи да ги негуваат и унапредуваат“, се наведува во соопштението.
На средбата биле изнесени и очекувања за конечно исполнување на ветувањата од страна на Европската Унија и одржување на првата меѓувладина конференција, со што би започнале преговорите за членство на нашата земја во ЕУ.