Денес постои комплетно променет амбиент во гонењето на високата корупција и организираниот криминал во земјата, оцени премиерот Зоран Заев во интервју на ТВ „Сител“, потсетувајќи дека премиерот го пријавил рекетот и дека обвинителството е целосно ослободено и транспарентно ја води постапката:
„Зоран Заев го пријави рекетот. Ова е сосема различно и обратно од едни минати времиња. Обвинителството е целосно ослободено и транспарентно ја води постапката. Јас, граѓаните, очекуваат таа постапка да заврши час поскоро. Да ги добиеме одговорите. Каде завршиле парите и кој сѐ е инволвиран? Секој треба да одговара, без разлика до кого ќе стигне истрагата“, потенцира тој.
Прашан дали случајот „Рекет“ ќе биде причина Македонија да не го добие или да биде одложен очекуваниот и најавуван датум за почеток на преговори со ЕУ, Заев одговара дека го мисли токму обратното:
„Јас сум премиер и таа позиција ми овозможува фреквентна комуникација со државниците на земјите членки на ЕУ, или со нивните амбасадори во нашата земја. Со случајот ‘Рекет’ Северна Македонија прокнижува поени. Се спроведува независна истрага, премиерот пријавил случај, обвинител има во притвор. Сето тоа покажува дека правосудните инстанци се растеретуваат од политиката. Тоа значи за Северна Македонија уште еден плус, зашто борбата е високо на нашата агенда дома, а тоа го гледа и ЕУ во делот на обврските од реформите. Тоа е добра причина датумот секако да го добиеме во октомври како што беше ветено“, вели Заев.