Расте просечната плата, во континуитет, соопшти премиерот Зоран Заев денеска на Фејсбук.
Повикувајќи се на податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС), Заев посочи дека во јуни годинава просечната плата изнесувала 28.744 денари, што е за 7% поголема во однос на јуни минатата 2020 година.
Според ДЗС, ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Објекти за сместување и сервисни дејности со храна (25,1 %); Уметност, забава и рекреација (20,5 %) и Информации и комуникации (14,1 %).
„Земено во апсолутни бројки, растот на просечната нето плата во минативе четири години (2017-2021) е за цели 5.936 денари, додека во претходните четири години (2013-2017) просечната нето плата имала раст од 1.700 денари.
Континуираниот раст на платите, меѓу другото, е резултат на економските мерки и политики што ги спроведува Владата за раст на просечната и на минималната плата“, порача Заев.
Тој додаде дека Владата останува посветена на реализација на стапките на економски раст од 4-5% и на покачување на платите за 20% до 30%, сѐ со цел подобрување на стандардот на граѓаните и економијата во земјата.