Посетата на Папата Франциск е огромно признание за местото што Република Северна Македонија го зазеде во глобалната заедница на прогресивните земји, порача премиерот Зоран Заев на прес-конференцијата за домашни и странски медиуми по повод првата, историска посета на еден Папа на нашата земја.
„Посетата на Папата Франциск не е резултат на митологии. Неговата посета е израз на созреано време да се оддаде признание за историските врски од раните векови на христијанството кога Папата Адријан Втори ги благословил и осветил богослужбените книги на светите браќа Кирил и Методиј со кои подоцна е извршена христијанизацијата на словенските народи во Европа.
Република Северна Македонија низ сите векови на создавање на нејзината државност ги пренесе библиските пораки на надеж, утеха и толеранција и во својата современост.
Ватикан, Европа, и целиот свет, ги препознаа вредностите, убавината на различните култури, етнички заедници и религии што живеат во општество еднакво за сите.
Светата литургија со која Папата Франциск ги благослови католичките верници и сите граѓани со добра волја, е израз на почит за заедништвото меѓу народите на нашата земја кое го негуваме.
Тоа е силен поттик и поддршка за сите нас. Тоа е порака што до светот денеска беше пренесена од стотиците новинарски и телевизиски екипи што на овој историски ден беа во Северна Македонија.
Нашиот народ ја има волјата и ја следи мисијата на Мајка Тереза и тоа го потврдивме и на овој настан“, порача Заев.
Тој истакна и дека подеднакво важно е и тоа што денеска Северна Македонија и граѓаните покажале и капацитет за исполнување на сите подготовки за дочекот на еден од најзначајните светски и духовни лидери, кој е инспирација за милиони и милиони верници и граѓани со добри срца.