Заев: Попис ќе има од 1 до 21 април, ВМРО-ДПМНЕ нека прави нов во 2031-ва (ако се на власт)

„Не сакам да се заканувам“, но сега постои Закон за попис и процесот не е во фаза на работни групи, туку на подготовка на институциите, а со тоа е и задолжителен и за оние кои нема да го почитуваат предвидени се и казни, истакна денеска премиерот Зоран Заев, алудирајќи на опозицијата, која деновиве најави дека нема да го поддржи пописот и ќе спроведе нов кога ќе дојде на власт. Законскиот рок предвидува тој да се спроведе од 1 до 21 април, додаде.

Тој појасни дека со пописот ќе се води посебна евиденција за државјаните кои се подолго време иселени, односно за нив ќе пишува дека се нерезиденти и дека се иселени повеќе од една година. Останатите, вклучително и оние кои се иселени помалку од една година, ќе бидат попишани како резиденти. Тој дел е јасно решен и за сите етнички заедници, истакна Заев, сумирајќи дека ќе се попишуваат резиденти, нерезиденти и вкупно население. Како што рече, светот е глобално село и тоа што за една година можат да се иселат 20% од една етничка заедница (како пример ги спомена Бошњаците) – не значи дека за една година не можат 20% да се вратат.

Во однос на критиките од опозицијата, Заев рече дека е срамота и по 18 години сѐ уште да се експериментира со идејата дали треба да има или да нема попис. Тој посочи дека Македонија е единствената во Европа што нема спроведено ваква статистичка операција, а во светот е во друштво на земји како Сомалија и други.

“Пописот не е за да се попишат политичките партии или политичарите во државата туку е заради граѓаните“, рече премиерот, притоа додавајќи дека секогаш ги земале во предвид предлозите на опозицијата, иако неретко во нив не наоѓале рационалност.

„Но, еве, нема зијан, и тргнавме со меѓународните партнери да бараме донации за најмалку 5 000 апарати за отпечаток од прст, за да можеме и тоа нивно барање да го вградиме. Ама како ќе им земеме отпечаток од прст на иселените луѓе, како ќе земеме отпечаток на прст на децата до 18 години? Тие се попишуваат, а немаат отпечаток во полицијата… Но ајде, ќе ги земеме, па за локални избори ќе притребаат“, рече Заев.

Во однос на најавата на ВМРО-ДПМНЕ дека ќе направи нов попис кога ќе дојде на власт, премиерот додава:

„Нема проблем, државата во 2031 година пак ќе прави попис и ќе видиме кој тогаш ќе биде власт“.

 

- Реклама -