Заев: По толку чекање, датум за преговори воопшто не е драматично

Недобивање на датум за почеток на преговори со ЕУ ќе значи дека тој ги излажал пратениците кога тврдел дека гласањето за Преспанскиот договор ќе ги отвори вратите на Унијата, поради што ќе биде приморан (но и подготвен) да понесе одговорност и да го врати мандатот, вели премиерот Зоран Заев во интервју за белгискиот „Le Soir“.

Недобивањето на датум ќе значи и ризик од враќање на национализмот и радикализмот во земјата – проблем со кој земјата се справувала во последните 11 години, предупредува премиерот. „Имавме хибриден режим кој ги уништи сите демократски права и слободи, сите основи на нормална земја. Ризикот е да се вратиме во тоа време“, вели Заев.

На „провокацијата“ од новинарот дека тоа е внатрешен проблем на Северна Македонија, а не на Унијата, премиерот истакнува дека членство во ЕУ и датум за почеток на преговори се две различни работи.

„Немаме намера да станеме земја членка веднаш, но мораме да го продолжиме процесот на интеграција во ЕУ. По 15 години блокада, доделување датум за преговори за никого не е драматично! Тоа значи дека ја прифаќаме обврската да го прилагодиме нашето законодавство, да ги подготвиме институциите и земјата за одлука за членство. Можеби во 2025-та, или 2030-та, никој не знае“.

 

Зборувајќи за Албанија и тоа што евроинтеграцијата на земјава се разгледува во пакет, Заев констатира дека по толку чекање поради блокада од земја членка (Грција), воопшто не би било праведно сега Македонија да биде понатамошно блокирана поради земја што не е ни членка. Тој смета дека најдобрата варијанта е и двете земји заедно да одат напред, и покрај тоа што е свесен за проблемите во Албанија, но ако тоа не е можно, за најлоша ја смета варијантата и двете земји да бидат блокирани.

„Подобро е една земја да оди напред“. Сè друго би била лоша порака за нашата, но и останатите земји кои се во процес на стабилизација и доближување до ЕУ, заклучува Заев.

- Реклама -