Сите ние сме деца на Илинден и Илинден е на сите, порача премиерот Зоран Заев од Мечкин Камен во обраќањето по повод големиот национален празник.
Химната и републиката – тоа им е заедничкото на двата Илиндена. Првиот од 1903 година – како симбол на заедничката борба за автономна и слободна Македонија, а вториот од 1944 година – како симбол на победата над фашизмот, рече Заев.
„И хероите од нашата химна – Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев, Сандански, и хероите од НОБ, кои ги опејаа во партизанските песни и ги именуваа одредите со нивните имиња, се бореа за републиката. Првите Илинденци се бореа за Крушевската, а вторите се изборија за Асномската – демократска, федерална, народна, социјалистичка, независна Република Македонија, денес Северна Македонија“, истакна премиерот, додавајќи дека и првите и вторите Илинденци се бореле за иднината, а не за минатото.
„Славните прилепчани основаа партизански одред ‘Гоце Делчев’ затоа што веруваа во зборовите на Гоце Делчев, дека ослободувањето на Македонија лежи во внатрешното востание, кое заедно со кумановци го кренаа на 11 октомври, 1941 година. Славните крушевчани основаа партизански одред ‘Питу Гули’ затоа што токму на ова место тој херојски го даде животот за одбраната на Крушевската република. Битолчани основаа партизански одред ‘Јане Сандански’ затоа што знаеја дека неговата омилена здравица беше: ‘За независна Македонија!’, која ја замислувал како република на еднаквоста, братството и слободата – едно општество за сите…“, рече Заев.
„ …Нема подобар начин да им се оддолжиме на нашите херои спомнати во химната освен со продолжување на нивните храбри дела за иднината на републиката, оживотворена во Крушевскиот манифест, воскресната во решенијата на АСНОМ, кога и се прогласи Илинден за народен државен празник на македонската држава.
Продолжуваме да ги негуваме концептот на едно општество и заедништвото кое како наследство ни е оставено во Крушевскиот манифест. Манифестот кој ги повика комшиите и пријателите, без разлика на пол, вера, убедување и народност, во желба за подобар живот. Продолжуваме со политиките на надминување на поделбите. Сите ние – Македонците, Албанците, Турците, Власите, Србите, Ромите, Бошњаците и сите други, сметаме дека е патриотска должност да се обединиме и помириме внатре. Затоа, ова свето место – Мечкин Камен, не треба да биде камен на сопнување, туку мора да биде камен темелник на помирување, заедништво и разбирање.
Се обединивме со соседите. Се обединивме и со западноевропското семејство. Што е, впрочем, Илинденското востание, ако не крик за европска Северна Македонија како напредна република на Балканот? Затоа велам, Илинден е повик за обединување. Делбите не се патриотизам“, порача премиерот во дел од говорот на Мечкин Камен.