„Ние сме Македонци кои зборуваат македонски јазик, од Република Северна Македонија“, му одговори премиерот Зоран Заев на лидерот на бугарската политичка партија „Има таков народ“ – Слави Трифонов, откако тој вчера изјави дека ќе испрател „северномакедонски“ астронаут во НАСА.
Според Заев, изјавата на Трифонов е „од незнаење“, бидејќи „се работи за две пријателски земји кои никојпат немале проблем и секојпат сме биле нарекувани Македонци кои зборуваат македонски јазик“. Сепак, тој очекува Трифонов да се корегира за таквата изјава.
„Секако дека реагираме. Еве реагирам веднаш, јавно. Не е во ред до секој претседател на политичка партија да испраќаме реакции, но ако треба и тоа ќе го правиме… Уште еднаш да искоментирам; Кога некој нѐ нарекува тоа што не сме, тоа повредува. Очекувам (Трифонов) да се коригира, затоа што е претседател на политичка партија која освои гласови, а должност ни е да градиме пријателства и добри односи“, додаде премиерот, одговарајќи на новинарско прашање за изјавата на лидерот на „Има таков народ“.