Информацијата e јавно добро. Властите кои криеја информации ја заробија државата, но актуелната влада нема да дозволи никогаш повеќе институциите да кријат информации, порача денеска премиерот Зоран Заев, по повод Светскиот ден на слободата на медиумите.
„Од 2017 година ги отворивме институциите, ги декласифициравме податоците за трошењата и почнавме да објавуваме серија документи и податочни сетови. Со тоа Владата на Република Северна Македонија, која во 2016 година беше на последно место, веќе три години по ред е прва по отвореност во регионот“, истакна Заев.
Според него, порано се правело сѐ за да се скрие од медиумите, а денес службите на министерствата прават сѐ да обезбедат точна, сеопфатна и навремена информација.
„Можеме уште да се подобруваме и ќе се подобруваме, не смее да остане ниту една институција во Северна Македонија со старите навики на затвореност и криење податоци“, вели Заев.
Според премиерот, брзиот проток на точни информации е гаранција дека медиумите работат слободно, а дека состојбата со медиумите од 2017 постојано се подобрува, вели тој, потврдува и годинешниот извештај за слободите на „Фридом Хаус“, во кој се нотира дека во Северна Македонија расте бројот на критички и независни медиуми особено на онлајн платформите.
„Најважен индикатор во извештајот на ‘Репортери без граници’ е што од 2017 година имаме постојан позитивен нагорен тренд, што не беше случај со минатата Влада.
Извештајот на ‘Фридом Хаус’ уште потенцира дека Република Северна Македонија е единствената земја со демократски напредок во Западен Балкан. Нашиот напредок е втор најдобар резултат меѓу 29 земји од Европа кои се предмет на анализа во извештајот“, подвлече Заев.
Тој уверува дека еден од примарните владини комуникациски принципи на Владата останува да биде унапредувањето на двонасочната комуникација со медиумите.
„Премиерот, министрите, владините претставници, прес службите, сите кои сме во контакт со медиумите, постојано мораме да ја подобруваме комуникацијата, да одговараме на сите прашања, точно и навремено. Тоа е наша обврска кон демократската јавност, но во исто време и нашето најсилно оружје во борбата со дезинформациите“.
Премиерот, воедно, ги повика сите граѓани да се вложат во навремено, точно и масовно информирање, а да се спротивстават на дезинформациите кои имаат за цел, како што вели тој, да создаваат лоша слика, да шират страв и паника и да ги носат граѓаните до опасност, особено во овој период кога во борбата со глобалната пандемија на Ковид-19, точните информации се клучни, наспроти лажните вести.
„Информацијата е јавно добро. Дезинформацијата е опасноста. На сите медиумски работници им го честитам 3 Мај, Денот на слободата на медиумите!“, порача Заев.