Заев: Ние во СДСМ имаме и Албанци, немаме проблем за премиер и претседател, но одлучуваат граѓаните

Коалицијата „Можеме“, во шестата изборна единица, ќе го победи ДУИ, а ќе има двојно повеќе пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, порача лидерот на СДСМ Зоран Заев од Тетово.

„Сѐ додека не се реформираат и европеизираат, ќе останат долго време во опозиција“, рече тој.

За ДУИ, пак, рече дека во недостаток на економска понуда, се враќаат кон национализмот:

„Во недостиг на економска понуда, ДУИ се враќа кон национализмот. Ние во СДСМ имаме Албанци и пратеници, и градоначалници и министри, немаме проблем и за премиер и за претседател, но тоа е одлука која на крајот ја носат нашите граѓани“, истакна Заев, додавајќи:

„Едно општество за сите е вредност што обединува. Ние сме мултиетничка земја и се бориме заедно под ова сонце за добри перспективи на сегашните и идните генерации. И еве успеваме заедно! По победата на 15 јули продолжуваме уште повеќе и уште подобро“.

Прочитајте и:  СДСМ: Наместо да и честитаат на Шекеринска, Сиљановска и ВМРО-ДПМНЕ избраа да бидат „мали“ во момент кога Македонија е голема

Во Тетово, Заев порача и дека членството во НАТО е гаранција дека ќе нема повеќе војни:

„Дали сте мајка Албанка, Македонка или Турчинка, со членството во НАТО нема веќе војни. Нема да се грижите повеќе за сигурната иднина на вашите деца.

Со НАТО има инвестиции, со НАТО има демократија, со НАТО има еднаквост, со НАТО има перспективи. Затоа НАТО е првата наша стратешка цел и на Македонците и на Албанците и на Турците и на Србите и на Власите и на Бошњаците и на Ромите и на сите. Успеавме!“.

- Реклама -