„Непријатно е чувството. Како што реагираат и граѓаните на социјалните мрежи. Но уште еднаш ќе го повторам ставот на владата – ние немаме против определбата на нашиот народ да оди во соседна пријателска земја да прими вакцини“, изјави премиерот Зоран Заев, прашан што мисли и како се чуствува околу реките наши граѓани кои викендов навалија во Србија за да се вакцинираат, поради недостаток на вакцини овде во Македонија.
„Вакцините не треба да се фрлат, треба до последна вакцина да се искористи. Ја поздравувам пријателската доблест на пријателска Србија. И јавно се заблагодарив. Ќе беше многу подобро тука дома да се вакцинираат, но сите знаете дека проблем има Америка, има проблем цела Европа, проблем има целиот свет поради недостаток на количини на вакцини. Западниот Балкан, освен Србија, е буквално во иста состојба на тоа поле“, додаде Заев, потенцирајќи дека Владата направила сѐ за да обезбеди доволно количини за имунизација на населението.
„Кога тргнавме со 20-30 обиди по приватни фирми да најдеме вакцини, бевме обвинети дека нешто тајно договараме. Направивме сѐ, на секој можен начин да дојдеме до вакцини. Нарачавме повеќе од тоа што претставува план за имунизација. За 1 милион население се 2 милиона вакцини. Ние имаме 800 илјади од Ковакс, 800 илјади имаме Фајзер, 200 илјади од Кина, 200 илјади Спутник од Русија, 100 илјади се од тие 651.000 од Европа за Западен Балкан, тоа се 2.1 милиони. И 500 илјади набавивме, усна нарачка со Кина, за во мај да дојдат. 2.6 милиони вакцини за 2 милиони потребни. Сите обиди сме ги правеле за час поскоро да дојдат вакцините. И нема некој што не сака порано да дојдат вакцините. Зарем има некој во државата, било власт или опозиција? Ниту сме штеделе пари, пари предвидовме лани“, рече премиерот.