Премиерот Зоран Заев најави дека по вчерашното гласање во парламентот за уставните измени целото внимание ќе го насочи кон домашните прашања. На прес-конференција во Владата, Заев им се заблагодари на пратениците за големата одлука и рече дека сега очекува и грчките пратеници да го ратификуваат Договорот од Преспа и дека Грција ќе биде првата земја што ќе го потпише протоколот за наше пристапување во НАТО.
„Убеден сум дека и пратениците во грчкиот парламент ќе ја препознаат нивната улога во овој голем момент. Верувам дека Грција ќе биде првата земја која ќе го потпише протоколот за нашето пристапување во НАТО за да станеме 30. членка на НАТО. Креиравме модел за решавање спорови“, изјави Заев.
Тој на министрите и градоначалниците им порача дека сега доаѓа време за економски поход за да се обезбеди подобар живот за сите граѓани.
„Целото внимание ќе го насочиме на домашните прашања. На министрите, градоначалниците и администрацијата им порачувам да работат понапорно и пофокусирано за да го направат животот подобар. Граѓаните нема да прифатат одолговлекувања, а нема да прифатам ни јас“, кажа Заев.
СОБРАНИЕТО ГИ УСВОИ УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ СО 81 ГЛАС „ЗА“ РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА
За барањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за вонредни парламентарни избори заедно со претседателските, Заев рече дека иако лично смета дека Мицкоски бара избори, а „моли Бога да не се случат“, бидејќи тоа е барање на лидер на опозицијата, СДСМ сериозно ќе го отвори прашањето и ќе ја извести јавноста веднаш штом донесе одлука.
Одговарајќи на новинарско прашање, што ако претседателот Ѓорге Иванов одбие да ги потпише уставните измени, Заев кажа дека неговиот потпис не е потребен.
„Фала Богу и не треба потпис на новата одлука од претседателот Иванов. Вчера заедно со измените, Собранието донесе и проглас за амандманите и проглас за Уставниот закон“, изјави Заев, додавајќи дека одлуката на парламентот денеска ќе биде објавена во Службен весник.
Заев ја заврши прес-конференцијата со „Да живее Република Северна Македонија“.