Тоа што гласовите кои премиерот и владејачката коалиција ги очекуваа во првиот круг на претседателските избори, а изостанаа, сепак не се прелија на контото на опозицијата, е сигурен знак дека се работи за порака, предупредување од граѓаните до власта, оцени премиерот Зоран Заев по прес-конференцијата по повод доаѓањето на Папата во Скопје.
Анализите, како што рече тој, покажале дека слабиот резултат на изборите не се должи на промената на името и уставните измени, ниту пак Законот за јазици, туку дека „незадоволните одлучиле преку нивното седење дома да го искажат своето незадоволство“.
Пораката не само што е испратена, туку е и примена, уште еднаш повтори тој, истакнувајќи дека некои од носителите на власта веднаш понудиле „да се помине на средување на работите“, додека други веднаш се понудиле „уште повеќе да помогнат во извршување на обврските“.
„Поприлично сум добро информиран и знам да го слушам тоа што го зборуваат граѓаните. Пораката допре до мене, промени ќе има, а тоа треба да допре и до носителите на власта, како на овие сегашните, така и на тие што ќе дојдат по нив. Но, и граѓаните ќе треба да си ја прифатат одговорноста и да излезат да гласаат во вториот круг од претседателските избори на 5 мај“, порача Заев.