Претседателот на СДСМ Зоран Заев денеска се сретна со генералната секретарка на Европската зелена партија Мар Гарсиа Санс придружувана од претседателката на Демократска обнова на Македонија, Маја Морачанин.
На средбата се разговараше за мерките и политиките во полето на заштита на здравата животна средина, процесот на европските интеграции, како и за актуелни политички теми.
Претседателот Заев истакна дека државата постојано вложува напори во заштита на животната средина, а сите институции се фокусирани на борбата против долгогодишниот проблем со аерозагадувањето.
– Владата предводена од СДСМ во овие нешто над 2,5 години како никогаш досега одвојува доста средства за екологија. Преку процесот на гасификација, зголемување на енергетската ефикасност и целосно менување на начинот на загревање на домовите и јавните институции и инвестирање во обновливи извори на енергија, правиме се за да го намалиме користењето на јаглен и цврсти горива и со тоа да дадеме сериозен придонес во борбата за заштита на животната средина. Покрај тоа работиме и на системски решенија, а последен во низата примери беше усвојувањето на Закон за третирање отпад кој беше донесен деновиве а со кој се забранува увоз на отпад кои се користи како извор на енергија, потенцираше Заев.
Осврнувајќи се на евроинтегративниот процес, претседателот Заев истакна дека по извесното членство во НАТО и изготвувањето на новата методологија, следен реален чекор во остварување на стратешките интереси е започнување на преговори со ЕУ, а во тој процес, освен реформите, важна ќе биде и борбата за заштита на животната средина.
– Преку се она што го сработевме досега сакаме да дадеме што повеќе аргументи пред ЕУ дека имаме капацитети и сме подготвени за почнување на пристапните преговори, процес што ќе донесе придобивки за сите, заклучи претседателот Заев.
Генералната секретарка Гарсиа Санс беше истакна дека Европската зелена партија го поддржува процесот на интеграција на Северна Македонија во ЕУ и оцени дека Унијата треба да ја исправи грешката и да започне преговори, бидејќи како што кажа Северна Македонија досега направи се што беше потребно.