„Голема е честа да ви посакам добредојде од ваков блескав момент. Тука сме после три години од склучувањето на Договорот од Преспа. Три години од потпис кој направи историски пресврт во македонско-грчките односи и ја одблокира евро-атлантската интеграција на Северна Македонија“, истакна македонскиот премиер Зоран Заев на отворањето на Преспа форумот.
Оддавајќи им признание на сите оние чии ангажман и посветеност беа клучни во процесот за изнаоѓање решение на деценискиот спор, Заев потсети дека резултат на тоа е фактот што Северна Македонија е членка на НАТО и рамноправен дел од најмоќниот сојуз во светот.
„Покажавме дека е можна промена. Од заробена држава, станавме современ пример кој сите го нарекуваат успешна приказна. Од држава со авторитарни тенденции, со ускратена или никаква слобода на изразување и лимитирани медиумски слободи, нашата демократија се консолидираше и се унапредува со секој изминат ден. И еве, денес, горд сум што низ ‘Преспа форумот за дијалог’, создаваме и извезуваме нови демократски вредности“, рече Заев.
Како што истакна тој, во решавањето на спорот со Грција била употребена методологија која дотогаш не била позната, а со тоа, рече, „оние кои беа проблем, одеднаш, и без булдожер дипломатија од трети страни, почнаа да решаваат проблем“.
„Спорот меѓу Грција и тогашна Република Македонија беше преседан во политичката историја и за негова разврска беше неопходно да се најде решение за кое не постоеше пример во политичката историја и во меѓународните односи. Беше потребно иновативно решение, кое ќе излезе од рамката.
И дојдовме до решение. Тогаш кога сите тврдеа дека тоа е невозможно“, подвлече Заев.
Со тоа, додаде премиерот на отворањето на Преспа форумот, „е ставен крај на еден спор, крај на повеќегодишните разлики што издигнаа ѕид кој ги отежнуваше пријателски односи меѓу соседите, а на светот му се понуди еден нов Балкан, Европски Балкан, кој покажува и намери и капацитети да биде слободен, поврзан, еднаков вреден и еднакво важен дел од напредниот свет“.