„Правдата е обезбедена и ќе ја има и повеќе, и почесто. И ќе следува ваков одговор на институциите секогаш кога некој ќе сака да си игра со правдата“, порача премиерот Зоран Заев по повод „пронаоѓањето“ на Сашо Мијалков.
Според него, заедничката акција на институциите, која тој ја предводел, не му оставила друг избор на Мијалков освен да се предаде:
„Во изминатите 40 часа, институциите на Владата, предводени од мене, во координација со правосудните органи, спроведовме акција со детални постапки. Беа преземени сите редовни и вонредни мерки. Со акцијата координирав јас и можам да објавам дека Сашо Мијалков немаше друг избор и го стори она што му беше неизбежна опција – се пријави во Обвинителството за организиран криминал и со тоа е обезбеден неговиот притвор.
Брзата мобилизација и координација помеѓу сите институции, со сите активности, дадоа резултат и ги елиминираа сите можности тој да ја напушти државата. Сакам да истакнам дека за овој значаен успех дадоа придонес и надлежните министерства, надлежните агенции, судот и Јавното обвинителство. Како резултат на тоа, беа избегнати нови потенцијални ризици“, истакна Заев, заблагодарувајќи им се на институциите и нивните претставници.
Меѓутоа, потенцираше тој, пријавувањето на Мијалков во Обвинителството не смее да биде сметано (особено од Обвинителството и Судот) за олеснителна околност, ниту во случајот Таргет-Тврдина, ниту за било кој друг случај, од причина што „не треба да се заборави дека Мијалков првично избега, односно не беше достапен до правосудните и органите на полицијата“, рече Заев.
Тој уверува дека власта останува на одлучниот став и барање дека истрага за пропустите кои го овозможиле бегството мора да има, за што ќе следи и одговорност.
„Почитувани граѓани, јас – Зоран Заев, ве гледам во очи и ви укажувам: Компромис за правда нема и нема да има. Ако си грешел, ќе одговараш“, порача премиерот.