„Донирањето органи е највисок чин на хуманост“, порача преку видео обраќање премиерот Зоран Заев, изразувајќи огромна поддршка и солидарност кон оние кои чекаат за пресадување органи, но и огромна благодарност кон сите дарители и нивните семејства, кои, како што рече, на многу благороден начин го спасуваат животот на другиот.
„Понекогаш, пресадувањето органи и ткива е единствен метод за лекување на болните и спас за животот на некои наши сограѓани“, истакна Заев. „Најголем проблем претставува недостигот од органи и ткива, кои се соодветни за
пресадување и донори. Во таа насока секој од нас може да придонесе. На пример, секој од нас може да се посвети на ширењето на свеста и на едукацијата за донирање органи и ткива. Со едукација и споделување на пораката ‘Дарувај живот‘, може секој ден да правиме по еден чекор за да помогнеме да спасиме и излечиме повеќе животи и да ја почитуваме и славиме дарежливоста и сочувствувањето на донорите“, порача тој.
Заев посочи и дека нашите мисли постојано треба да бидат со оние кои во моментов чекаат на органи за трансплантација и за спас на нивниот живот, но и дека не треба да се заборават сите оние кои починале чекајќи затоа што орган не бил дониран на време.
Тој потенцираше дека во нашата земја веќе постои искуство на ова поле:
„Пресадувањето органи е едно од најголемите достигнувања на модерната медицина и нашите здравствени работници имаат сериозно искуство во оваа дејност. Минатото лето, во време кога целото наше внимание, сиот наш здравствен систем е ставен во функција на справување со најголемата глобална здравствена криза заради пандемијата со КОВИД-19, нашите врвни лекари и асистентскиот медицински персонал се обединија и ја направија првата трансплантација на срце од починат донор. Ги здружија капацитетите, знаењата, искуството и стручност за да извршат зафат што претставува круна во кардиологијата и медицината воопшто. Сметам дека тоа е силно охрабрување и за дарителите на органи“.
Не постои ништо похумано од тоа некому да му го продолжите животот, со донирање орган, а не постои поголемо охрабрување и надминување на стравовите и дилемите околу донирањето отколку сите ние повеќе зборуваме за тоа, додаде Заев.
„Токму затоа за ова прашање имам разговарано со најтесниот круг од моето семејство и имам оставено аманет дека сум подготвен лично да придонесам нечиј живот да биде спасен“, открива во обраќањето, повикувајќи ги сите граѓани да прифатат дека органодарителството е највисок акт на човечност и хуманост и ја подига свеста за уште многу успешни трансплантации за излекување и за спасени животи.
Покрај премиерот, со поддршка за иницијативата и лидерот на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски.
„Здравиот човек има многу желби, а болниот само една, да оздрави. Бидете хумани, продолжете некому живот, бидејќи тоа живот значи. Подари љубов, подари орган“, порача тој.