„Лично сметам дека за 0.5 грама за лична употреба, не треба да се одговара“, рече денеска премиерот Зоран Заев одговарајќи на пратеничко прашање за идејата за декриминализацијата или легализацијата на марихуаната.
Според него, тоа треба да се случи што поскоро, но сепак, посочи, потребна е прво сериозна дебата за да се слушне и гласот на народот.
Премиерот уште еднаш посочи на економскиот и развоен потенцијал на легализацијата на канабисот и ефектот што би го имала врз одредени стопански гранки, пред сѐ угостителството и туризмот. Тој направи според со Холандија, каде услужните дејности учествуваат со повеќе од 60% во севкупниот БДП на државата, како и во други земји, каде тој процент е 25, 35, 45 отсто. Во нашата држава, истакна Заев, тој процент е 4%.
„Ние немаме море, немаме пристаништа, немаме извори на нафта да го развиваме нашиот економски сектор и ова е добар потенцијал што државата може да го искористи за развој на економијата, за отворање на нови работни места, за развој на туризмот“, рече премиерот.
Повикувајќи се на примерите од други земји каде употребата на канабис е легализирана, Заев смета дека тоа ќе придонесе и за опаѓање на користењето на хероин, кокаин и други тешки супстанци и дроги. Искуствата од тие земји покажуваат дека може да се очекува опаѓање и од 30 до 50%.
Заев, исто така, потенцираше дека легализираниот канабис нема да биде привилегија само за богатите, за да инвестираат.
„Целта е да се овозможи на секој граѓанин, на пример од две до три стебла под контрола на агенцијата која што е предвидена во самиот закон, за сопствена потреба да може да ги користи, или пак може да ги делегира на компанија да ги одгледува за него како што и сега се бележи секое стебленце со посебен број со посебна контрола или сличн“, рече Заев.