СДСМ на следните избори ќе ја победи ВМРО-ДПМНЕ, а разликата ќе биде помеѓу 60.000 и 120.000 гласа, порача премиерот Зоран Заев од собраниската говорница на седница за пратенички прашања.
„Како што одминува времето, оние што се разочарани од владејачките партии ќе се вратат и ќе гласаат затоа што се ежат кога ќе помислат на враќање на ВМРО-ДПМНЕ“, рече Заев.
Тој овие пораки ги упати до опозицијата коментирајќи ги последните анкети кои покажуваат благо водство на СДСМ откако координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, ги спомена анкетите дека се нарачани од власта и не соодветствуваат со реалноста.
Заев, пак, порача дека последната анкета е објавена од невладината МЦМС, која е финансирана од меѓународните институции и постојано објавува анкети, од кои дел некогаш не му се допаѓаат ниту на СДСМ.