Граѓаните да ги погледнат изминатите четири години и да ги споредат со 11-те години пред тоа и да донесат одлука каде сакаат да ни оди државата, порача лидерот на СДСМ и премиер – Зоран Заев, во видео обраќање во пресрет на вториот изборен круг во недела.
„Дали да талкаме неодлучно, де на исток, де на запад? Дали сакаме несигурност, без стратешки партнери и меѓународни пријателства? Дали сме за нови конфликти, за кавги, за граѓани од прв или втор ред?
Или сакаме демократска и современа држава, меѓународно етаблирана, партнер со големите сили, за општество во кое доминира грижата за луѓето, за Северна Македонија која оди напред, стабилна, мирна и просперитетна?“, прашува Заев.
„Ако го имате одговорот на овие прашања, тогаш носете одлука. Излезете и гласајте, остварете го своето право. Недела е денот кога треба да го зададеме правецот за да имаме општини и држава коишто работат за народот“, порача тој.