Веќе има најава за зголемување на парламентарното мнозинство, изјави премиерот и лидер на СДСМ – Зоран Заев, денеска во интервју за ТВ „Канал 5“. До тоа довела самата поставеност во Парламентот, но и, како што рече, националистичката реторика што ја имаат ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците и Алтернатива.
„Живееме во втората деценија од 21 век, сите треба да бидат еднакви граѓани и тоа е важно. А граѓаните не сакаат повторно кавги со соседите, со остатокот од светот. Сакаат интеграциите да продолжат зашто носат економија, носат повисок економски стандард, кој веќе е видлив насекаде“, изјави Заев.
Тој посочи дека веќе има пратеници кои ја даваат поддршката за поголемо парламентарно мнозинство.
„После локалните избори ќе има период од 2.5 години во кој ќе нема избори каде ќе може да се одработи навистина јуначки за сите што сакаат да одработат – дали советници, градоначалници, пратеници, министри, премиерот… сите заедно можат да одработат и да се приклучат на прогресивниот дел на државата“, изјави Заев.
Во интервјуто, тој подвлече и дека сите големи и крупни одлуки на државата биле донесени заради зголемување на економскиот стандард на граѓаните кои, како што рече, заедно со пратениците сакаат да бидат на страната на успехот и одењето напред.
„Во овој случај ја имаат понудата токму кај нас во делот на ‘Најдоброто’ и во делот на програмата и на кандидатите, и верувам дека таквата определба што се потврдува во шест изборни циклуси ќе се потврди и на овие избори“, рече лидерот на СДСМ.
Извор: МИА