Поранешниот премиер Никола Груевски, сега унгарски азилант, избегал од земјава скриен во багажник од автомобил – откри премиерот Зоран Заев во интервју за германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.
Во интервјуто, како што пренесува Дојче веле, Заев тврди дека ја знае траекторијата на движењето на Груевски во клучните часови на бегството од земјата.
Со лифт се симнал во подрумот, а потоа се сокрил во багажникот на автомобилот со кој бил изнесен од земјата. Во Албанија го чекало унгарско дипломатско возило“, вели премиерот Заев. Вечерта, кога се претпоставува дека почнало бегството, немало, односно било слабо осветлувањето на улицата каде Груевски би можел да излезе со возилото од гаражата под неговиот дом, а такво нешто не се гледало ни на снимките од системот „Safe sity“. Исто така не бил забележан од камерите на ниту еден македонски граничен премин кон Албанија. За обвинителството нема дилема како излегол од Албанија кон Црна Гора и понатаму до крајната дестинација – Унгарија, и во чија придружба бил. Но, се уште не е утврдено со докази како излегол од нашата земја. Засега претпоставките се дека или избегал преку див премин во таканаречениот зелен појас, или на официјален граничен премин каде не бил евидентиран, пренесува Дојче Веле.
Од обвинителството кое отвори истрага за бегството на Груевски, велат дека и тие ги имаат истите информации и индиции кои ги споменува премиерот, но дека тие во истрагата не биле поткрепени со конретни докази и поради тоа не биле соопштени на јавноста.