Заев го презентираше антикорупцискиот план: Спречуваме корупција на актуелната власт, но ги демонтираме и коруптивните инсталации на режимското владеење пред нас

Два месеци по објавата на владината Акција 21 – Европски стандарди дома, каде првите два приоритети се „Прочистувањето во правосудството“ и „Борбата против корупцијата“, денеска Владата ги усвои деталите од својот антикорупциски план, а премиерот Зоран Заев, на прес-конференција, информираше за дел од точките.

Тој истакна дека планот е производ на политичката волја на Владата да се избори за искоренување на корупцијата. За тоа, рече Заев, воспоставиле јасни механизми за соработка меѓу сите институции и ги охрабриле и граѓаните и медиумите да зборуваат јасно, јавно и гласно. Тоа придонесува за ред, правда и дисциплина, рече премиерот.

Тој истакна дека сериозно биле земени во предвид забелешките од последниот извештај на „Транспренси интернешнел“ и истите се вградени во овој План.

„На тој начин ги елиминираме пречките и поставуваме функционален систем за институциите кои стојат во првите борбени редови против корупцијата. Тие ќе го спречуваат, препознаваат и санкционираат секој вид на корупција во сите редови на власта, без исклучок“, порача Заев, додавајќи дека Владата и граѓаните се на иста страна во борбата против корупцијата.

Заев истакна дека планот има за цел да спречува корупција на актуелната власт, но и да ги открива и демонтира, како што рече, коруптивните инсталации на режимското владеење пред нас, кои според него се продрени до најситните пори на институциите и го попречуваат функционирањето на системот, вклучувајќи го и правосудството.

„Тогашното режимско владеење на сегашната опозиција ги трошеше парите на народот за да се богатат тие и партијата. Тие ја одгледуваат корупцијата, ја всадија и толерираа насекаде, за да им биде простено за нивните злодела. Епа не им е простено, оти тоа не го правеле од незнаење или несвесно, туку смислено, намерно, злонамерно. Одлучни сме и дојдено е времето во целост да ги демонтираме режимските остатоци кои го скапуваат системот, а да ги воздигнеме службите кои чесно им служат на граѓаните.

За ваквите злодела, против претходната криминална власт, денеска се водат судски постапки, некои се осудени, некои сѐ уште се судат. Додека тие одговараат пред лицето на правдата, ние продложуваме со демонтажа на нивните остатоци по системот. И нема да запреме додека не завршиме во целост со тоа. И да, секој од нас треба да е свесен, дека ако било кој помисли да го прави истото, треба да е спремен да се соочи со правдата – а правдата е тука, ете ја, секој ден по рочиштата и низ судниците“, рече Заев, продолжувајќи со споредба меѓу претходната и актуелната власт:

„И додека тие се бореа да нема правда, ние, уште од првиот ден на првиот мандат почнавме со активна транспаретност. Тоа е антикорупциски лек за многу системски болести низ системот. Поставивме стандард од кој нема враќање назад.
Воведовме ред и домаќински однос при трошењата. Како ретко која земја, го отворивме трезорот. Граѓаните, медиумите, можат да ја следат секоја трансакција направена со парите на граѓаните. За кус период од сега ги очекуваме и новите унифицирани веб-страни на министерствата кои ќе бидат услужно-ориентирани и според највисоките стандарди за транспарентност“, додаде тој.

Според него, овие и другите мерки за зголемување на транспарентноста ја позиционирале владата на прво место во регионот по отвореноста и транспарентноста според истражувањата на граѓанските организации, и тоа веќе неколку години по ред.

Одлучноста за спречување на неодговорното владеење, оваа влада ја покажала и преку усвоениот Кодекс за етичко однесување за членовите на Владата и носителите на јавни функции, рече Заев. Според него, истиот дал резултати веднаш и овозможил санкционирање на неетичко однесување на неколку функционери, но, уште поважно, испратил порака до сите останати дека неетичкото однесување нема да остане неказнето.

„Нашата антикорупција значи постојано вклучен аларм за штетното и разорно дејство на корупцијата, со цел заедно со граѓаните да се спротиставиме и на најситното подмитување.
Медиумите сега откриваат и известуваат за случаи за кои порано на власта не ѝ се слушаше, а подоцна за таквото известување се затвораа цели медиумски куќи. Ги охрабрувам медиумите и понатаму да го прават тоа низ нивното секојдневно известување и особено преку истражувачкото новинарство да продолжат да бидат партнери на граѓаните во оваа борба.

Прочитајте и:  Агелер: Црната листа е многу динамична - постојано се разгледуваат имиња и едвај чекаме да додадеме нови

Со разрешници на предметите за висока корупција и докажавме на опозицијата дека залудни се обидите за дејствување против правната држава. Граѓаните веќе сведочат дека нема привилегирани и недопирливи. Казната за корупцијата ги опфаќа сите“, рече Заев.

Премиерот истакна и дека заедно со вицепремиерот Николовски, нивните тимови, сите надлежни министерства, агенции и други институции, направиле увид во сите точки кои треба да ги поврзат институциите и поединците кои се најодговорни и најповикани да ги препознаат, спречат и казнат сите форми на корупција. Посочи и дека биле одржани бројни консултации со најважните институции и граѓански организации, како што се „Транпаренси Интернашенел“, Државната комисија за спречување на корупцијата и други, а најважните препораки и совети биле собрани за изготвување на планот кој, како што најави, ќе даде брзи ефекти и ќе се применува веднаш.

„Влегуваме во целосно екипирање и дигитализација на Јавното oбвинителство како и истражните центри во рамки на основните јавни обвинителства со оперативни истражни центри за сите 23 основни јавни обвинителства во државата, заедно со Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција.

Дигитализацијата и екипираноста на истражните центри ќе го забрза процесот на решавање на предмети. Нема повеќе чување на предмети по фиоки. Секој судски предмет мора да има брза разрешница.

Започнува автоматизирање на поврзаноста и протокот на документи потребни за брзи постапки по предмети со препознаена корупција. Тоа ќе се случува преку усголасување на законите за дигитализација. Се воспоставува и електронски систем за инспекција ‘Е-инспектор‘ кој овозможува електронско поврзување и работење на сите 28 инспекциски служби под јурисдикција на Инспекцискиот совет – со овој систем значително се елиминира човечкиот фактор и субјкетивниот пристап во водењето на предметите.

Воведуваме целосно дигитализирање на трите книги што ги води Управата за водење на матичните книги, граѓаните ќе можат електронски не само да аплицираат, туку на истиот начин и да ги добијат изводите, наскоро следува и укинување на ‘вадењето изводи’.

Го усовршуваме функционирањето на системот на укажувачи за да го извлечеме максималните законски можности преку јасен протокол за заштита на укажувачите.

Сите институции мора да назначат овластено лице за прием на пријави доставени заради заштитено внатрешно пријавување за постоење на евентуална корупција. На овој начин ја подигаме свеста кај граѓаните и ги охрабруваме да пријавуваат случаи на коруптивно делување. Ќе водиме интензивна и одговорна јавна комуникација за да обезбедиме учество на граѓаните во оваа наша заедничка борба.
Ако било која граѓанин не е соодветно услужен или заради услугата која му следува е вовлекуван во корупција, тогаш службеникот треба да биде пријавен и тој ќе биде соодветно истражен, како и соодветно казнет.

‘Граѓанинот е секогаш на прво место, а ние сме тука за да служиме’ – Ова мора да го разбере секој еден во државната служба и администрација, почнувајќи од мене па до локалниот писар. Секој од нас да знае дека мораме да служиме. И ќе се погрижиме секој службеник ова да го дознае низ процесот на промоција на етичкиот кодекс кој се однесува на државните службеници, а кој преку овој план планираме да го унапредиме“, порача Заев.

Тој заврши со пораката дека во тек сме на исклучително значајна година, а Акцијата 21 ќе значи ред, правда и дисциплина. Заев ги повика и граѓаните да се вклучат и да го дадат максимумот за да го направат животот дома, во државава, подобар и поубав.

Повеќе детали ТУКА.

- Реклама -