„За да ги обезбедиме условите за реализација на четирите слободи на ЕУ, го слушнавме апелот на бизнисмените од целиот регион и ги започнавме постапките за сведување на минимум или на целосно отстранување на административните процедури таму каде што е тоа можно. И ова што денес го градиме произлегува од европските вредности затоа што во себе, во своите темели, ги содржи подеднакво исто четирите слободи на Европската Унија – Слобода на движење на луѓе, добра, капитал и услуги“, истакна премиерот Зоран Заев на Економскиот форум за регионална соработка кој се одржа во Скопје.
Тој потенцираше дека поврзувањето за развој на економиите, за изградба на заедничка економија, за развој на регионот и за подобар живот на сите граѓани, е определба од највисок јавен интерес и истовремено силна политичка волја на Владите на Северна Македонија, Србија и Албанија.
Заев порача дека само со интегриран и поврзан регион може да се движиме постојано кон нашата основна цел – членството во ЕУ, бидејќи, како што рече, ние не можеме да бидеме ништо друго освен земји од европскиот Балкан.
Како што истакна премиерот, интегрираниот регионален пазар носи дополнителен раст на БДП во регионот, бидејќи поврзан Западен Балкан е попривлечен, поконкурентен и поблизок до пазарите на ЕУ.
„Во трите земји во тек е забрзана дигитализација на огромен број административни процеси и бази на податоци. Го слушаме и го прифаќаме и повикот на деловните луѓе од регионот – ‘помалку историја, а повеќе економија’, за доброто и за иднината на граѓаните“, додаде Заев.