„Доблесно е претседател на влада да испорача ваква понуда после неколку дена од гласањето доверба во парламентот. Јас мислам ако има разумни луѓе од двете страни ќе има и напредок. Јас не повикав на широка коалиција, туку пласирав идеја за која треба да се размислува, пред сѐ граѓаните да размислуваат. Јас сум дојден на позиција да дадам придонес за мојот народ. Видов што е премиер, видов што е влада, што е парламент, градоначалник… Сметам дека така побрзо ќе ги решиме проблемите. Јас ја водам јавната администрација, да создадеме услови за реформи, имаме одлични успеси, имаме позитивни извештаи, ако возиме 100 километри на час, зошто да не возиме 150 или 200?“, вели премиерот Зоран Заев, во вестите на „Сител“, за понудата и опозицијата да учествува во власта.
„Јас тврдам дека можеме да имаме поголем број пратеници, веројатно и тоа ќе се случи, но понудата не беше за утре, може ова единство за кое зборувам да се случи за еден месец, или после следните парламентарните избори. Мене ќе ме гласаат членовите на СДСМ за претседател на партијата, и тие мора да знаат што мисли нивниот претседател. Германија и Швајцарија се примери каде двете најголемите партии се заедно со децении и нивните држави имаат напредок. Јас не велам дека утре нема да се вработат некои партиски членови, но ќе има нормативи, квалитет. Јас сум една алка во системот и ова е прв пример еден премиер да испорача ваква идеја. Сега може е само мој сон, ама еден ден може и ќе се оствари“, рече Заев.