Заев и Гаши утре на разговори околу новото мнозинство

Премиерот и лидер на СДСМ – Зоран Заев, утре ќе се сретне со претседателот на Алтернатива – Африм Гаши, на која треба да се разговара за можноста за приклучување на пратениците на Алтернатива во парламентарното мнозинство и за влез во Владата.

Како што потврдија од СДСМ за МИА, средбата треба да се одржи во 15:30 часот во Клубот на пратеници.

Шефот на дипломатијата и висок функционер во ДУИ – Бујар Османи, денеска изјави дека „новото стабилно мнозинство во Парламентот е неспорно“ и оти тоа ќе биде објавено веќе наредната недела.

„Новото стабилно мнозинство е апсолутно неспорно и тоа ќе се случи наредните недели. Патот до тоа ново мнозинство е алтернативи, има неколку опции до тоа ново мнозинство и во моментот се случуваат тие разговори и преговори за постигнување на тоа мнозинство. Ќе повторам, многу е важно дека рационалните политички сили, па и пратеници одлучија во овој момент државата да не ја претворат во дел од проблемот, туку во дел од решението на нашата европска перспектива. Очекуваме да завршат тие разговори и верувам дека наредната недела веќе ќе имаме стабилно мнозинство кое што ќе почне да се занимава со предизвиците и можностите што ги има Владата“, рече Османи на новинарско прашање кога ќе биде официјализирано новото мнозинство на заедничката прес-конференција во Скопје со австрискиот министер за европски и меѓународни работи Михаел Линхарт.

МИА

- Реклама -