Со мотор од 1600 кубика со регистарска табличка со неговите иницијали „ZZ“, експремиерот Зоран Заев пристигнална форумот Делфи во Грција, објави грчкиот портал Voria.gr.
Друштво на Заев, со ист таков мотор, му прави поранешниот министер за здравство и негов близок пријател – Венко Филипче.
Како што изјавил Заев за порталот, патувањето го почнале на 22 април од Скопје, а потоа патувале низ Западна Грција и Пелопонез, за неодамна да пристигнат во Делфи, каде денеска Заев е еден од говорниците.
Понатаму, открил Заев, патувањето ќе го продолжат до Солун, па ќе одат на Халкидики, каде што, како што наведува порталот, Заев има викендица што ја посетува секое лето.
Заев бил релаксиран и расположен, „далеку од тешките премиерски должности“ кои секогаш ги имал додека бил инволвиран во политиката преку неговата партија, забележува Voria.gr.
Прашан дали за време на неговите посети на Грција сретнува луѓе кои се сѐ уште против Преспанскиот договор, Заев рекол дека многу Грци му велат дека имаат позитивно гледиште кон договорот, додека други, како што посочил, му велеле дека не им се допаѓа договорот но дека им се допаѓа Заев лично, бидејќи бил „добар човек“.