Со прогласувањето на дел од Шар Планина за заштитено подрачје во категорија II, односно за национален парк, нашата држава го добива четвртиот национален парк и прв од прогласувањето на независноста, со што вкупната површина на заштитени подрачја на национално ниво ќе изнесува 13.2% од севкупната територија на Северна Македонија, информираше денеска премиерот Зоран Заев, откако со 66 гласа „за“ пратениците го усвоија законот.
„Со оваа одлука Владата спроведува континуирани политики за заштитата на природата, за зачувување на уникатните природни вредности, за заштита на специфичниот биодиверзитет и пределска разновидност, но и за отворање на нови можности за одржлив развој на локалната економија.
Како ниту една друга Влада, во последните 4 години покренати се иницијативите за заштита на Осоговските Планини, на Шар Планина и на Водно.
Шумите се наше природно богатство кое треба да го чуваме и за идните генерации. И наша обврска е да ги заштитиме и да го зголемуваме шумскиот фонд како клучна алка во борбата со последиците од климатските промени“, порача Заев.