Екс-премиерот Зоран Заев денеска, во рамки на саемот „Винска визија на Отворен Балкан“ што се одржува во Белград, прими Голема плакета од Стопанската комора на Северна Македонија како признание за особен придонес во креирањето и продолжувањето на регионалната иницијатива Отворен Балкан, чија цел е промоција и развој на регионот, преку имплементирање на четирите слободи – слобода за движење на луѓето, стоките, услугите и капиталот.
Плакетата е за личности кои најмногу придонеле за регионална бизнис интеграција, а Комората ја доделува по повод 100 години од формирањето.
Со оваа награда на Заев му се оддава длабока почит за креирањето на регионалната иницијатива Отворен Балкан.
„Благодарам на Стопанската комора за честа што ни ја укажа на лидерите од овие три земји за Иницијативата ‘Отворен Балкан’, бидејќи само заедно сплотени регионално можеме да направиме многу повеќе за економиите на сите земји дел од процесот, да обезбедиме поголема економска соработка, повеќекратно зголемување на размената што ќе придонесе за побрз развој на регионот и благосостојба за граѓаните“, изјави Заев.
Тој порача дека како бизнисмен ќе продолжи да ги подржува сите иницијативи во рамки на процесот Отворен Балкан бидејќи истите влијаат на развојот на бизнисите, приходите во буџетите на државите и со тоа влијаат на економската перспектива на регионот на западен Балкан. Изрази и надеж дека и останатите земји од овие простори ќе се приклучат на Иницијативата за сите заедно да чекорат на зацртаниот пат кон Европската Унија.
„Зоран Заев во својот мандат како претседател на Владата на Република Северна Македонија во периодот 2017-2021 година, покренувајќи процеси од големо значење за нашата држава, совршено добро разбра дека македонската економија без регионална димензија нема шанси за успех. Со тоа ги отвори видиците на нашите компании надвор од границите на државата а пред сѐ во соседните земји, и остави аманет до сите нас тој пристап да продолжи и понатаму, водејќи сметка и за интересите на сопствената држава. Заев продолжува да ја развива и подржува иницијативата ‘Отворен Балкан’, сега од другата страна, од страната на бизнис секторот, како двигател на економијата кој води напред, сѐ друго останува на историјата“, беше речено на доделувањето.
Стопанската комора – „комора на иднината и консултант на компаниите во бизнисот“, одлучи наградата на Заев да му ја додели на овој прв меѓународен саем за вино, храна и туризам, како дел од активностите кои редовно се одвиваат во рамки на иницијативата Отворен Балкан во насока на подигнување на степенот на регионална соработка и бизнис интеграција.
„Досега имало повеќе иницијативи за натамошен регионален развој на овие простори, но сите завршиле неуспешно и се надворешни иницијативи. Отворен Балкан е концепт кој е подржан токму од внатре, од политичките лидери во земјите кои се дел од процесот, но уште повеќе од компаниите кои имаат нужна потреба за поблиска соработка, поврзување, заеднички настап на трети пазари, како интра-регионален процес од кој економски бенефит ќе има целиот регион. Искрените заложби како претседател на Владата на Република Северна Македонија со мандат од 2017 до 2021 година, заедно со претседателот на Република Србија Александар Вучиќ и премиерот на Република Албанија Еди Рама, за развивање и креирање на Иницијативата за единствен пазар преку создавање економска зона која дополнително ќе ги подобри политичките и економските односи и ќе ги зајакне врските меѓу народите и бизнисите, се препознаени и наградени од Стопанската комора и заслужуваат највисока почит“, нагласија од Комората.
Ваква награда во јуни, на самиот на Отворен Балкан во Охрид, им беше врачена и на српскиот претседател Александар Вучиќ, како и на македонскиот и на албанскиот премиер, Димитар Ковачевски и Еди Рама.