Премиерот Зоран Заев, вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров и министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска остварија онлајн средба со претседателот на Европскиот Парламент – Давид Сасоли, во рамките на целодневната агенда за онлајн средби со највисоките претставници на институциите на ЕУ.
Како што информира прес-службата на Владата, на средбата било заеднички констатирано дека во годишниот извештај на Европската Комисија за Северна Македонија за 2020 година е нотирана добра испорака на земјата на нејзините обврски од ЕУ агендата и дека таа е подготвена да продолжи со напредокот во целиот спектар на поглавјата на правото на ЕУ, со фокус на владеењето на правото.
Премиерот Заев на средбата нагласил дека Владата е целосно посветена да ги реализира сите препораки од извештајот и дека патот на трансформацијата на земјата согласно европските стандарди е неповратен процес.
„Со натамошното преструктуирање на нашето општество и со детерминираната решеност, Северна Мекедонија е подготвена да стане следната успешна приказна на проширувањето на ЕУ, и во прифаќањето на заедничките европски вредности за демократска стабилност, за владеење на правото и за економски просперитет“, рекол Заев.
Во таа насока сите соговорници на средбата со Сасоли истакнале дека е од исклучителна важност утврдувањето на Рамката за преговори на почетокот на ноември, по што ќе следува првата меѓувладина конференција меѓу Северна Македонија и ЕУ со што ќе се означи почетокот на преговорите по поглавја за членство на земјата во ЕУ.
Во однос на одржувањето на добрососедските односи, соговорниците посочиле дека Северна Македонија, со добра волја и низ дијалог, има намера да ги спроведе сите обврски утврдени во Договорот од Преспа со Грција и во Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија.
Сасоли од своја страна подвлекол дека се охрабрувачки пораките што доаѓаат од Северна Македонија во Брисел – дека земјата е подготвена со добра волја и низ дијалог да ги затвори сите прашања до затворањето на преговарачката рамка и до одржувањето на првата меѓувладина конференција.
Во таа насока, Сасоли потенцирал дека Европскиот Парламент е посветен целосно на пристапниот процес за целиот Западен Балкан, и го оцени вклучувањето на земјите од регионот како историски исчекор за консолидацијата на ЕУ.