„Успеавме да стигнеме до 28 илјади денари просечна плата. Тоа беше за април месец. Следно, ветивме 36 илјади денари просечна плата. Дајте заедно да сработиме, можеби ќе стигнеме до 800 евра“, изјави денеска премиерот Зоран Заев.
Тој додаде дека тој би сакал и просечна плата од 60.000 денари (~975 евра) до крајот на мандатот на СДСМ, но за тоа, порача, ќе им биде потребно многу заедништво.
Со континуиран раст на просечната плата, премиерот претходно се пофали и во интервју за „Конфликт зоун“ на „Дојче веле“ на англиски јазик. Заедно со, како што рече, отворањето на „стотици илјади работни места во последните 4 години“ и порастот на минималната плата од 65% и намалувањето на невработеноста од 24 на 16 проценти, се спроведува успешен процес на создавање просперитетна иднина во државата, пред сè за младите, констатира тој.
„Унапредувањето на квалитетот за живот се најголема гаранција дека младите ќе останат тука и политиките на Владата се во таа насока“, додаде премиерот.