Заев: Да запрат со лагите и да престанат да ни го вреѓаат јазикот нарекувајќи го „северџански“

Македонскиот јазик во предлог преговарачката рамка на ЕУ е наведен како јазик на кој треба да се преведе европското законодавство пред да станеме држава членка на Европската Унија. Лидерот на СДСМ – Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашање, истакна дека тоа го сметаат за нешто нормално, стандардна работа, бидејќи, како што рече, согласно нашата лична карта во Обединетите нации и согласно нашето право на самоопределување, нашиот јазик е македонски, а владата меѓународната комуникација ја води и на македонски јазик.

„Ова е уште една потврда и признание за македонскиот јазик. Ова нека биде и апел да запрат со лагите оние кои со месеци лажеа и велеа дека сме го изгубиле јазикот, да престанат да ни го вреѓаат и омаловажуваат јазикот нарекувајќи го ‘северџански’. Ние зборуваме македонски јазик кој полека станува дел од големото европско семејство, заедно со останатите европски јазици. Е тоа е патриотизам, тоа е грижа за татковината, за македонскиот идентитет“, истакна Заев.

Прочитајте и:  Македонија и ЕУ потпишаа Договор за партнерство за безбедност и одбрана

Тој ги повика ВМРО-ДПМНЕ „да се одважат“ и да го поздрават усвојувањето на предлог-преговарачката рамка, но и да ја поздрават и веста дека законодавството на ЕУ ќе биде преведено на нашиот македонски јазик.

„Беа против интеграцијата во НАТО и ЕУ преку Договорот од Преспа. Беа против Законот за Јавното обвинителство кое носи правда. Мицкоски не аплаудираше кога тука во Собранието го усвоивме Протоколот за членство во НАТО. Ајде, еве денес нека се одважат, нека го поздрават овој важен чекор во нашата европска интеграција. Нека го поздрават македонскиот јазик“, повика Заев.

- Реклама -