Случајот „Рекет” покажува дека она за што се боревме со граѓаните, сите ние заедно, стапува на сцена, порача премиерот Зоран Заев на Фејсбук по најновата снимка објавена од Италија.
„Во најновиот објавен разговор некои од осомничените го спомнуваат и злоупотребуваат моето име. При тоа се изнесуваат лаги и бесмислици со цел едниот соговорник да ја зајакне својата позиција на моќ и авторитет пред другиот соговорник. Најостро, категорично и одговорно отфрлам било каква поврзаност, соработка или комуникација со осомничениот Бојан Јовановски во врска со случајот “Рекет” и за било какви други прашањата кои се предмет на истрагата за овој случај. Со Бојан Јовановски единствено имам разговарано за хуманитарни активности на неговиот Меѓународен сојуз, после што ниту јас ниту Владата не сме имале никаква натамошна соработка, ниту формална, ниту неформална. Се имам појавено и на интервјуа во 1тв, како што редовно се појавувам на сите други телевизии и медиуми, во интерес на отвореноста кон јавноста. Уште еднаш, ги повикувам сите истражни органи во целост, ама во целост да го истражат случајот и да носат одлуки. Институциите на извршната власт им стојат на располагање со цел свој капацитет на истражните и правосудните органи“, пишува Заев.
Северна Македонија е подготвена за правда, колку и тоа да е тешко и трауматично, додава премиерот.
„Правдата доаѓа. Секој ќе си одговара за сопствените постапки и тоа во фер, транспарентна и законита процедура. Во изминативе повеќе од две години како премиер, сѐ што правам е само и единствено во корист и интерес на граѓаните на земјава. Бидете уверени дека на непријателите на нашата земја нема да им успее планот преку користење на криминалци, манипулатори и измамници да го спречат успехот на земјава, членството НАТО и почетокот на преговорите со ЕУ“, додава Заев.
Според него, секаде во светот, во било која земја каде власта одлучно и искрено создавала услови да се отвораат истраги против секого каде што имало и најмало сомневање, секаде било тешко и трауматично.