Премиерот Зоран Заев смета дека мерките кои ги носи Комисијата за заразни болести ги даваат очекуваните резултати во справувањето со пандемијата на Ковид -19.
„Замолувам за разбирање кај граѓаните во однос на ограничувањата со мерките. Секој има право да одлучи дали ќе се вакцинира или не, но државата е должна да го заштити колективното здравје“, посочи тој во вечерашното интервју за дневникот на телевизијата „Сител“.
Премиерот истакна дека вакцинацијата е единственото решение да ја победиме оваа пандемија, при тоа наведе дека најголем број на заразени има во средините каде што има најмалку вакцинирани и додаде дека бројот на заразени вакцинирани со две дози е незначителен процент, односно се движи околу 0.002 или 0.0017 промили.
Заев нагласи дека има целосна доверба во препораките кои ги добива Владата од Комисијата за заразни болести, за која потенцира дека е составена од врвни експерти, а дека при носењето на одлуките се прават споредби и со искуствата од светот.
„Колку расте бројката на вакцинирани, толку ќе паѓа бројката на заразени. Мора да го заштитиме животот, затоа што секој живот е драгоцен, секое здравје е драгоцено. Токму затоа, колку и да е непријатно, одиме со вакви мерки“, посочи премиерот Заев и упати апел до граѓаните да се вакцинираат.
„Секаде во светот така и кај нас, најлесно ќе ја совладаме пандемијата и ќе се вратиме на нормалното со вакцинирањето. Апелирам до сите, го кажав мојот личен пример – две деца имам, едното е неполнолетно, 17 години, во октомври полни 18, прими вакцина, другото дете, ќерката е 20 години, студент, прими вакцина, јас, сопругата, сите. Треба да ја следиме врвната светска експертиза што кажува, вакцинирањето е лекот за совладувањето на пандемијата“, истакна премиерот Заев.
Извор: МИА