Заев апелира: Дечки и девојки, мора да разберете колку е сериозна ситуацијата и веднаш да ги прекинете собирите

Интегрално обраќање на лидерот на СДСМ и експремиер Зоран Заев

Почитувани граѓани,

Живееме во тешко време кога сите заедно делиме иста мака и сме исправени пред предизвикот заеднички да се избориме.

Затоа, уште еднаш Ве повикувам сите Вас на одговорност, на заедничка акција и солидарност. Само заедно, сплотени, може да се избориме против коронавирусот.

Ајде заедно да им помогнеме на институциите, на јавното здравство, преку наш личен пример, преку лична одговорност. Да останеме дома, да нема никакви собири, да користиме средства за дезинфекција и често да миеме раце.

Ситуацијата во светот е тешка, тажна и страшна. Заразата не бира кого ќе го нападне. Таа ги напаѓа сите луѓе.
Во Италија има огромен број на жртви, а многу тешко е и во Шпанија.

Ова е борба за сечиј живот, за животот на твоите деца, твојата мајка, татко, брат, сестра, твојот сосед и пријател, за мојот и твојот живот.

Млади, мора да разберете колку е сериозна ситуацијата и веднаш да ги прекинете собирите. Дечки и девојки, помислете на своите најблиски, вирусот може да биде многу опасен за вашите родители, баби, дедовци, за луѓето кои за разлика од вас, многу потешко би се избориле со болеста.

Знам дека имате начини да се дружите онлајн, и затоа ве замолувам, направете го тоа.

Ги молам медиумите да продолжат да помагаат со своето одговорно и професионално однесување, благодарение на нив имаме информирана јавност.

На оние од екипата “Лажни вести” им порачувам да престанат да му штетат на нашиот народ, зашто сега народот реагира.

Почитувани граѓани,

Да бидеме одговорни, да се почитуваме, да си помагаме, да се чуваме. Секој живот е важен, секој човек е важен!

Ова се тешки времиња, но ние сме тука да им служиме на граѓаните, да им помогнеме на компаниите, на работниците. Подготвуваме голем пакет на нови економски мерки, да ги задржиме вработените и да ги одржиме фирмите. Државата ќе помогне солидарно, на здрави основи.

Верувам дека Северна Македонија е во кондиција да обезбеди најголема помош по глава на жител споредемо со земјите од соседството.

Ние сме тука заедно да го победиме невидливиот непријател и заедно да се справиме со сите економски последици.

Благодарам.

- Реклама -