„Да не шпекулираме прерано, ќе се пушти теза точна-неточна, па на неа после си додаваме шлагче, црешка или слично и правиме торта. Нема потреба“ – со овие зборови премиерот Зоран Заев порача да почекаме до сабота за да видиме што е „големото изненадување“ на Али Ахмети и Демократската унија за интеграција, за кое тој, како што откри самиот, бил информиран, и тоа од неговиот прв заменик, алудирајќи на вицепремиерот Артан Груби.
Според Заев, изненадувањето на ДУИ ќе биде добро за државата.
„ДУИ има убава работа да соопшти во сабота. Убава е затоа што е во целосна корелација со работењето на Владата, убава е затоа што е модерна, соодветна на 21 век. Мене ме бендисува тоа што вака се размислува во највисоките органи и тела на ДУИ. Ќе оставам тоа да го соопшти ДУИ, тоа е нивна агенда, споделена со нас нормално, и во неа се препознаени голем број од државните политики. Верувам дека сето тоа е во духот на унапредувањето на севкупниот политички амбиент во државата“, рече Заев, доведувајќи го она што ќе го најави Ахмети во (засега непозната) корелација со промените што биле направени во СДСМ, како непосредни избори, 50-50% однос на мажи и жени, поголема застапеност на младите и други. „Тоа ДУИ што го прави е освежување, убава работа“, додаде премиерот.
За разлика од Заев, Ахмети вчера во Липково изненадувањето не го опиша како „убава работа“, туку како „платформа која првично ќе биде дискутабилна“ и која ќе предизвика „големи дебати“ како што предизвика платформата за „Прв премиер Албанец“.
Во медиумите, пак, се појавија шпекулации дека СДСМ и ДУИ ќе промовираат заеднички кандидат за градоначалник на Скопје, кој ќе биде етнички Албанец. Од СДСМ, меѓутоа, за „Канал 5“ демантираа дека досега воопшто разговарале со ДУИ на темата локални избори.
Според соопштеното од ДУИ, Ахмети ќе нѐ изненади на 5 јуни на пладне, на денот на 19-годишнината од основањето на партијата.