Заев: 30 години СДСМ води храбри, визионерски државнички политики што водат напред

Обраќање на претседателот на СДСМ Зоран Заев на онлајн настанот по повод 30 години СДСМ

Почитувани граѓани, драги социјалдемократи,

Нека е честит 30тиот роденден на СДСМ.

30 години СДСМ води храбри, визионерски државнички политики што водат напред.

Од вонвременскиот 8 септември 1991 година на плоштадот во Скопје, до историскиот 30 март 2020 на платото пред седиштето на НАТО во Брисел, СДСМ е нераскинлив дел од секој успех на државата и граѓаните. Не било лесно во тие историски премрежја на Балканот да се гради сопствена независна држава, да се води процес на меѓународно признавање и неизвесната иднина да се преземе во сопствени раце. Но народот е среќен што токму СДСМ ги водеше овие историски државнички процеси кои резултираа денес да имаме модерна, независна и меѓународно признаена држава која е партнер и сојузник со демократскиот свет. Затоа со право денес велиме дека СДСМ е државотворна партија и тој епитет постојано го потврдуваме.

Меѓународното признавање, приемот во ООН, создавањето на македонската армија, Охридскиот рамковен договор, поголемиот степен на децентрализација со територијалната поделба, градењето модерно демократско општество, па се до кандидатскиот статус за ЕУ, Договорот од Преспа, решавањето на отворените прашања со соседите, приемот во НАТО, создавање едно општество за сите, одлуката за почеток на преговорите со ЕУ се трајните државотворни печати на СДСМ. Секогаш без задршки и без калкулации СДСМ работела работи и ќе работи во интерес на граѓаните и државата.

Така беше и кога тргнавме да рушиме режим. Кога пред целата јавност преку проектот Вистината за Македонија до срж го разголивме режимот. Кога со илјадници граѓани со месеци ги преплавувавме улиците низ градовите борејќи се за правда, слобода и еднаквост.

Така беше и на крвавиот четврток, на 27 април 2017 кога не потклекнавме пред оние беа жедни за крв и влегоа со оружје во Собранието, кои не дозволуваа да се испочитува волјата на народот. Со храброст и визија ја презедовме одговорноста да ја водиме новата Влада и веднаш покажавме огромна разлика. Ги вративме слободата и демократијата, ги отворивме институциите, се посветивме на мерки и политики кои донесоа економски раст, повисоки плати и пензии и повисок животен стандард.Во остварувањето на овие цели не водеше фактот дека СДСМ произлезе од народот и му остана верна на народот..

На меѓународен план ја вративме државата на патот на евроинтеграциите. Без да калкулираме со личните и партиски рејтинзи, го решивме долгогодишниот спор со Република Грција, го заштитивме идентитетот и ги отворивме вратите на ЕУ и НАТО пред кои предолго чекавме. Пред нешто повеќе од една година, во март 2020, ја остваривме тридецениската стратешка цел – Република Северна Македонија стана 30-та земја членка на НАТО, на најсилниот и најголем воено безбедносен сојуз во светот. Нашиот одговорен, државнички однос е препознаен од граѓаните и затоа постојано ни ја даваат довербата.

Прочитајте и:  Филипче: Нема да дозволиме враќање на системот „ало началниче“ во безбедносните и полициските структури

Убедливо победивме на локалните избори 2017, на референдумот 2018 над 600.000 граѓани гласа ЗА Европска Македонија, СДСМ и 29 партии застанаа зад Стево Пендаровски кој победи на претседателските избори во 2019 година, СДСМ победи и на предвремените парламентарни избори во 2020 година и продолжи да ја води државата по патот на развојот и напредокот.

СДСМ победува, но и постојано се менува. Воведовме нов принцип на работа, ја отворивме партија за нови идеи и нова енергија. Влеговме во процес на дигитализација ги следиме модерните текови за уште повеќе посветено и поефикасно да им служиме на граѓаните и државата. Први во државата организиравме внатрепартиски непосредни избори за претседател на партијата, поставивме нов стандард во внатрепартиската демократија. Промените ќе продолжат и со Конгресот кој ќе се одржи во мај, со нова енергија со нова политика ќе продолжиме во реализација на зацртаните цели што носат напредок.

Уште една голема и вредна карактеристика ја краси СДСМ, а тоа е дека никогаш не се воздржува од акции за подобра иднина. Стремиме секогаш кон повеќе затоа што застапуваме принцип дека статус-квото е непријател на прогресот. Минатото и сегашноста се нашиот темел, нашата сила за чекори кон иднината.

Пред нас е важен период особено во надминувањето на последиците од корона-кризата, ставање конечен крај на пандемијата и раст на нашата македонска економија. Како и досега, СДСМ и во овие процеси ќе покаже одговорност, државотворност, храброст и посветеност. Заедно со граѓаните ќе ги надминеме предизвиците што стојат пред нас. Заедно со граѓаните, повторно ќе бидеме на победничката страна, на светлата страна на македонската историја.

И токму затоа, чест и одговорност е да се биде дел од СДСМ, да се биде дел од прогресивното семејство што води напред. Одлучни сме да продолжиме да работиме посветено и одговорно во интерес на нашите сограѓани, на нашата татковина која ја градиме како заеднички дом за сите граѓани. Нека е среќен 30 роденден наш СДСМ! Да живее СДСМ! Да живее Република Северна Македонија.

- Реклама -