Зад инспирацијата зад „Господарот на прстените“ има милиони мртви

На 3 јануари пред 126 години е роден писателот Џ.Р.Р. Толкин (John Ronald Reuel Tolkien). Англичанец по националност, јазик и образование, а Германец по потекло, Толкин е роден на територијата на денешна Јужноафриканска Република. Брилијантниот лингвист и професор на широката јавност ѝ е најпознат како автор на трилогијата „Господар на прстените“, „Хобит“ и „Силмарилион“.

Толкин со години предавал англиски јазик и култура на Оксфорд, а јазиците како „sindarin“ и „quenya“ ги смислувал за „умот да му остане бистар“. Уште како дете со пријателите основал клуб во кој тајно пиеле чај во училишната библиотека и измислувале јазици, а патем учеле и есперантно и латински.

Болеста го спасила од веројатна смрт

Кога во 1914 година Велика Британија влегла во Првата светска војна, Толкин ја посрамотил татковината – бидејќи не се пријавил веднаш во војска.

„Тешко беше да се биде момче со голема фантазија, но мала физичка храброст и сила“, ќе рече Толкин подоцна. Сепак, Толкин подоцна се пријавил во војска и бил испратен да се бори на фронтот во Франција. Учествувал во битката на Сома – битката со најголеми загуби во Првата светска војна. Тогаш загинале околу 415.000 Британци, 195.000 Французи и преку 500.000 Германци. Толкин, од своја страна, изгубил неколку свои пријатели – тој бил единствениот што останал жив од целото негово друштво. На крајот заработил заразна грозница, па бил пратен дома. Се опоравувал повеќе од една година.

Битката на Сома

Своите искуства од војната – крвопролевањето и смртта, ги преточил во своето пишување. Мочуриштата низ кои тој газел преку мртвите тела на своите пријатели и непријатели станале црните мочуришта низ кои се пробиваат неговите јунаци – хобитите Фродо и Сем на патот до Мордор.

Приказната за љубовта меѓу човек и елф – „Beren and Luthien”, ја напишал како своевиден обид да се издигне над црнилата на војната. На гробот каде што почиваат тој и неговата сакана сопруга Едит, под нивните имиња пишува токму „Beren and Luthien“.

„Не ме инспирираше Втората светска војна, туку онаа првата, поради која до 1918-та сите мои пријатели беа мртви“, ќе рече Толкин во една прилика.

Војната и деструкцијата како инспирација

Црнилата на војната и деструкцијата која ја носи технологијата се изворот на неговата одбивност кон индустријализираниот свет, што може да се види и од неговите приказни во кои злите чудовишта и маѓепсници користат барут, јаглен, технологија и примитивни тенкови, кои патем ја уништуваат и природата заедно со човечките животи. Издржливоста и храброста на обичниот војник во рововите ја преточил во ликови кои навидум се обични хобити, кои на крајот сепак го спасуваат Меѓуземјето.

Толкин индиректно учествувал и во Втората светска војна – им помагал на лингвистите кои се бавеле со дешифрирање на пораки.

За неговата омраза кон војната често зборувале и неговите деца Кристофер, Мајкл, Џон и Присила.

Толкин, велат, секогаш зборувал дека пишува од хоби. Првенствено се сметал себе за лингвист и воен ветеран. Неговиот близок пријател – писателот C.S. Lewis (автор на „Хрониките од Нарнија“, го има предложено и за Нобелова награда за книжевност, но Толкин не бил нешто посебно возбуден околу таквата идеја. Дури понекогаш тврдел и дека не разбира како неговите дела имаат така страстни обожаватели, па дури и дека се сомнева дека некој воопшто размислува околу неговите книги.

По 50 години брак, починува неговата сопруга Едит. Толкин на внуците им зборувал дека и тој наскоро „ќе замине“, бидејќи „Берен не може без својата Лутиен“. Слично така и се случило – починал две години подоцна, во 1973-та.

Извор: Express.hr

- Реклама -