„Потребна е поголема проактивност, наместо реактивност во борбата против дезинформациите и лажните вести“, изјави националниот координатор за комуникации – Марјан Забрчанец, на регионалната конференција против дезинформации на Регионалниот совет за соработка.
„Ние ја имаме јасната приказна, јасните вредности и не треба да се криеме“, истакна Забрчанец. „Треба да го искористиме тоа за промоција на нашите вредности“, додаде тој.
Како што објасни, потребни се неколку чекори во насока на проактивноста, како: засилена активна транспарентност, користење на дигитални комуникации, соработка со засегнатите страни и зајакнување на медиумската писменост.
„Ние сме на главниот пат и ги промовираме цивилизациските вредности. Противниците наши се во мрачните тунели, кои користат дезинформации и ботови“, истакна Забрчанец.
Тој потсети на случајот со лажните вести од Велес за американските избори во 2016 година, кој, како што рече, бил аларм за будење на нашите институции за преземање на конкретни чекори во борбата со дезинформациите.
„Случајот Велес нѐ направи познати по извозот на дезинформации, иако тогаш како држава не можевме да преземеме ништо бидејќи вестите се споделуваа на платформи во САД. Овој случај ги алармираше институциите во Северна Македонија и нѐ натераа да размислуваме за модели за превенција на вакви напади на демократијата. Моделот за кој зборуваме е развиен, делумно, благодарение на случајот Велес“, посочи Забрчанец.