Забранети разводи за време на Рамазан: „Ти не си ти кога си гладен“

Еден палестински судија ги забрани разводите за време на месецот на Рамазан, бидејќи, според него, луѓето носат избрзани одлуки „кога не се најадени или не запалиле цигара“.

Махмуд ал-Хабаш – челникот на Палестинскиот исламски шеријатски судски систем, вели дека луѓето кои апстинираат од храна и цигари во текот на денот, можат да „создадат проблеми“ во нивните врски и потоа да донесат „брзи и штетни одлуки“.

За да се избегнат таквите ситуации, судиите ќе ги разгледуваат и пресудуваат по барањата за развод само ако се поднесени по истекот на месецот и по завршувањето на постот, известува Ал Џазира.

Ал-Хабаш вели дека одлуката е базирана на „искуствата од претходните години“.

Во окупираните палестински територии, но и во Израел и Либан, само религиските судови ја имаат моќта и овластувањето да дозволат бракови и разводи.

Според официјалните податоци, во текот на Рамазан во 2015-та биле склучени над 50.000 бракови во овие области. Но, исто така имало и 8.000 разводи.

Можеби ал-Хабаш треба да си ја ревидира одлуката и да додаде „15 дена по завршувањето на постот“ во забраната. ВО спротивно очекуваме рекорден број разводи следниот ден по Рамазан. Сепак, „бубачките“ од еден месец нејадење не се лечат со еден ден јадење.

 

 

- Реклама -