Колку и да звучи клише и често се споменува, вистина е дека Скопје засекогаш ќе ја памети 1963-тата година, која убедливо е година на една од најголемите катастрофи во поново време, но и симбол за повторното раѓање на еден град, на една нација, на една надеж.
На 26 јули 1963 година во 5:17 часот, Скопје било разурнато од земјотрес со 9 степени по Меркалиевата скала (6,1 според рихтеровата сеизмичка скала) кој траел 20 секунди, а помали потреси имало до пет часот и 43 минути. Скопскиот земјотрес се почувствувал на простор од околу 50.000 квадратни километри, низ долината на реката Вардар. Од потресот биле урнати 15.800 станови, а оштетени 28.000. Над 200.000 луѓе остана без покрив над глава. Под урнатините животот го загубиле 1 070 негови граѓани, биле повредени над 4000 граѓани.
По земјотресот градот почнал да се гради по урнек по проектите на Кензо Танге и Адолф Циборовски. Старата железничка станица денес е Музеј на Град Скопје и претставува симбол на големиот земјотрес. Часовникот на станицата е засекогаш сопрен на фаталните 5 часот и 17 минути изутрина.
Првата помош за граѓаните на Скопје дошла од војската и граѓаните на тогашните југословенски републики и неколку дена по земјотресот започнала да пристигнува и помош и спасувачки екипи од целиот свет. Точно 87 нации од светот испратиле некаква помош во Скопје кои помогнале тој да се изгради повторно, поради тоа градот го носи и епитетот „град на солидарноста“.
Во Скопје, за првпат во времето на Студената војна меѓу капиталистичкиот запад и комунистичкиот исток, се сретнале американски и советски воени сили кои заеднички им помагале на скопјаните.
Непосредно по земјотресот, претседателот на СФРЈ, Јосип Броз – Тито, изјавил:
„Скопје доживеа невидена катастрофа, но Скопје повторно ќе го изградиме. Тоа ќе стане гордост и симбол на братството и единството, на југословенската и светската солидарност“.
Насловната фотографија беше направена по повод 50 годишнината од земјотресот.