Забавната страна на Втора светска војна

Во големата архива на фотографии во Британскиот империјален воен музеј (IWM) од околу 11 милиони фотографии, има и такви што не ги исполнуваат очекувањата што обично ги имаме кога зборуваме за војна.

Овие фотографии ги покажуваат посветлите, поексцентрични и забавни моменти од тој период, поткрепени со чудни факти и необични приказни. Добар дел од нив ќе најдете во новата книга Weird War Two: Intriguing Items and Surprising Stuff from the Second World WarКнигата ја демонстрира издржливоста, досетливоста, практичноста и позитивноста на Британците во едни од најтемните денови во историјата.

Земете ја сточаркава од Есекс за пример. Ги бои своите крави со бели линии, за да бидат видливи за автомобилите и моторите ноќе за време на „блекаутот“ – период кога во Британија ги гасеа светлата преку целата ноќ, за да се избегнат ноќните бомбардирања врз стратешки или цивилни цели.

Тука е и булдогот Венус – маскотата на британскиот уништувач HMS Vansittart, во легендарната фотографија на која седи потпрен на прозор со накривена морнарска капа.

Тука се и лажните „Шерман“ тенкови на надувување. Ги користеле буквално сите страни кои учествувале во војната, а се само дел од палетата на лажни возила кои се користеле за да се измами противникот.

Ова е Салво, едно од „пара-кучињата“ што Британците ги тренираа за инвазијата на Нормандија на „Денот Д“. Кучињата беа обучувани да препознаваат мирис на експлозив, да лоцираат мини, да лоцираат непријатели, и очигледно – да скокаат со падобран. Некои од тие кучиња добија и медали за заслуги во војната (ќе пишуваме во следната прилика).

Да се најдевте во тоа време на некои од воените писти на британската авијација, ќе налетавте и на розево офарбани борбени Spitfire-и. Розевата боја немаше врска со женски пилоти или нешто слично, но имаше и те како врска со камуфлажата. Розевите Spitfire-и летаа на зајдисонце и приквечер, а вака розеви, многу потешко се забележуваа на небото.

Во Втората светска војна не се „забавуваа“ само кучињата. Во некои случаи, на пример, беа користени циркуски слонови за расчистување на рушевините. Овие на сликата тркалаат остатоци од автомобил по бомбардирањето на една гаража.

Сé на сé, архивите на Британскиот воен музеј звучат како забавно место за киснење.

- Реклама -