Недела дена откако дојде на планетава, на 7-ми јули Маријана Сифрит е итно префрлена во болница. Нејзините родители – Никол и Шејн Сифрит, забележале дека не јаде и дека не може да се разбуди. Помалку од две недели подоцна, Маријана почина, пренесува CNN. На возраст од 18 дена.
Состојбата на новороденчето се влошила неколку часа по венчалната прослава не неговите родители. Добило менингитис, последица од HSV-1 – состојба која предизвикува воспаление на ткивото кое го прекрива мозокот и ‘рбетниот мозок. Иако овој облик на менингитисот често е помалку сериозен од бактерискиот менингитис (најголемиот дел од луѓето се опоравуваат сами од себе), особено интензивно ги напаѓа оние со ослабен имунитетен систем – како што се токму бебињата помлади од еден месец. Ова го потврдува и американскиот Центар за превенција и контрола на болести (CDC).
Ако HSV-1 ви звучи познато, тоа е зашто е кратенка за вирусот херпес симплекс – истиот оној вирус кој предизвикува црвени везикули (меурчиња по кожата). HSV-1 е многу распространет, но обично ретко води до вирусен менингитис, велат од CDC. Од универзитетот Џонс Хопкинс велат дека и HSV-2 може да предизвика менингитис кај бебињата; вирусот може да предизвика генитален херпес, и може да се пренесе од мајката на детето при породувањето. Затоа некои жени заразени со вирусот се одлучуваат на породување со царски рез.
Кај новороденчињата, менингитисот предизвикан од HSV-1 или HSV-2, очигледно, може да доведе до хоспитализација. „Првите два месеца по раѓањето на детето се многу критични, бидејќи вирусот може брзо да се прошири и да предизвика сериозни оболувања кај новороденчињата“, вели за CNN Тања Алтман – педијатар од педијатриска клиника во Калифорнија.
Иако докторите не знаат со сигурност што го предизвикало менингитисот кај новородената Маријана, се верува дека се заразила преку бакнеж од заразено лице (лице во смисла човек) – дури и ако тоа лице во тој момент не покажувало симптоми; вирусот се задржува во организмот доживотно. Тоа го поткрепуваат и резултатите на двајцата родители, кои биле негативни на HSV-1, типот на херпес кој го имала Маријана. Така што, веројатно до заразата дошло преку допир со некој пријател или член на семејството. Во теорија, вирусот не секогаш се пренесува, дури и при бакнеж во уста, ама за бебето да се зарази доволно би можело да биде ако по контакт со заразеното лице си ја допира устата со рацете.
„Мораме да бидеме внимателни и да ги предупредиме родителите, бабите и дедовците, роднините и пријателите дека не треба да бакнуваат новороденчиња кога имаат вирус на херпес (иако тоа веројатно никој не би го направил свесно), затоа што бебињата обично немаат никаков имунитет“, вели Ивон Брајсон – професорка по педијатрија и инфективни болести на Универзитетот во Калифорнија. Староста од шест недели е клучна точка – тогаш имуниот систем на бебето станува доволно силен што ризикот од инфекции кои би му го загрозиле животот (како херпесот) станува речиси занемарлив.
Херпес симплекс не е единствениот извор на вирусен менингитис: луѓето кои имаат грип, мали сипаници, заушки или варичела, исто така можат сериозно да го загрозат здравјето на новороденчињата. Дури и луѓето кои се чувствуваат здрави треба да ги измијат или дезинфицираат рацете пред да допрат новороденче.
Маријана последната недела од својот краток живот ја помина во детската болница на универзитетот во Ајова, каде претрпе оштетувања на црниот дроб и ѝ откажаа повеќе органи, додека состојбата постојано ѝ се влошуваше.
„Со своите 18 дена живот, таа остави голем впечаток на светот, и се надеваме дека нејзината приказна ќе спаси бројни други нови животи“, напиша мајка ѝ на Фејсбук.