Пред некој ден се проакав низ старо маало, каде како копиљ почнав да ги црпам првите лекции на улицата. Еден парк каде што сеуште не расте трева, затоа што мојот комшија имбецил на него си го паркира џипот, и една шлајка, каде на времето рескавме џамлии и теравме целодневни партии на ќар. Денес у животот преферирам да центрирам у други шлајки, али ко бев дете, најзабеан лик у кругот каде што се играа џамлии беше оној тип кој прв ја имаше рецнато шлајката. Со тек на животот конташ дека се е трка, кој прв да стигне до шлајката.
Каде се денешниве деца? Каде се нивните џамлии, долгите магарици, јаниното со купус и сланино и каде се девојчињата кои скокаа со ластик пред секој влез? Каде се детските игри и турканиците пред училишните дворови? Се се сведува на дигитализација на натправарот…Сега се е џојстик, тастатура, обично дугме..Некогаш пресудна беше физичката и психичата истрајност. Да да…
Имаше и такви ликови кои увек беа голмани у фудбал иако појма немаа од бранење. Сепак играа уште поочајно отколку што бранат, па сепак беа дел од играта. Тие беа вклучени рамноправно во детскиот живот. И без нив игрите беа невозожни да се замислат. Дебелковците на ДОЛГА МАГАРИЦА увек беа перничиња на стубот и не се лутеа заради тоа. Ете, не можеле да рипаат и да праат ЧАТАЛИ-КОПАТАЛИ, сепак и за нив имаше место во детската игра.
Излегувавме од дома најадени и со кратки ракави, а се враќавме мртви гладни и жива вода испотени. Го развивавме нашето тело и нашиот дух со физички игри , со гребаници и рани по рацете и нозете. Со скинати патики од шутирањето замислени топки у форма на конзерви, каменчиња, кеси со шут и разни гуми. Возевме точаци со контра-кочници и на секое второ залетуење и кочење ко љубевме бетонот. Оние повозрасните од нас, кои демек беа главните фраери у маало, често пати знаеа да ни опнат по некоја заушка или мацола пред да не пратат по цигари. Следен чекор беше спротиставувањето кон нив и јадење саглам ќутек а нареден пат ќутекот го јадеа и они. На крајот и со нив станувавме другари. Така растевме. Во некој трк и со брзо темпо, се тркавме кој кого побрзо ќе надрасне.
Каде се сега децата и каде се дружат? Им покажал ли некој родител како ние сме играле на нивна возраст или потрчавме сите да им купиме ТАБЛЕТ, Лап-Топ, скап мобилен или не знам што и да ги затвориме дома у наш видик и близина а толку далеку од реалниот живот и свет? Девојчињата некогаш сакаа да играат ластик, да го развиваат природно своето тело и да играат игри во кои тие се мајки, принцези, самовили. Денес сонуваат да бидат манекенки, стриптизети, девојки од насловните страни. Наместо да се фалат со своите плетенки и долги коси, се фалат по социјалните мрежи со испрчени усти, кратки пантолончиња и тесни маички. Педофилите имаат материјал за да си го плеснат но нашето општество нема баш добар материјал од оваа младина да извади саглам спортист, саглам музичар или уметник.
Зашто немаме некој врвен тенисер, врвен пливач или зашто немаме врвни спортски колективи а нашето соседство тоа го има? Поднебјето дава таленти но нашиот начин на живот и игра им го подвиткува рбетот над тастатура. Се имам бааги проакано по училиштата на соседниве наши држави. Таму на игралиштата врие од деца и топки..Врие од наставници и од скаути на спортски колективи. Го селектираат квалитетот од најмала возраст а потоа го брусат и од него вадат врвен профил. Какви се нашите часови по физичко воспитание? Професорите љуштат ракија у кабинет, ќе им фрлат некоја топка у сала на учениците и на крај ќе им плеснат 5 ки у дневниците. Се прашуваме зашто имаме килава младина? Па не може и да се надгради во нешто повеќе од тоа кога ја има прерипано онаа основна скала пред влезот во животот. Играта….детската игра. Детскиот пораз и победа. Детските модринки и ќотеци…Да. За жал ни детските болести ги немаат убаво прележано. А толку е едноставно. Да им ги покажеме нашите игри и како ние растевме. Многу поздраво и поисправно отколку тие денес…
НАПИША:БУЛЕВАРКО за 365.com.mk