Секс за една вечер, одлуки донесени под дејство на алкохол, финансиска зависност, недоверливи пријателки – сето ова се работи што им се случуваат на денешните дваесетгодишнички. Дали ги прават истите грешки како и нивните претходни генерации?
Читателките на магазинот „Glamour“ одговарале во анкета за неволјите кои ги доживеале во своите 20-ти години, покривајќи ги сите аспекти од животот – од запознавање мажи, секс, преку финансии, до консумирањето алкохол. Од 3600 анкетирани читателки, 72 отсто рекле дека жалат затоа што имале врска со најмалку една личност, додека 77 отсто посакуваат никогаш да не се согласеле на секс за една ноќ, а 30 отсто млади жени велат дека се срамат дека спиеле со маж додека биле под дејство на алкохол.
Повеќе од половина признале дека имале секс без заштита, а последиците не се безопасни: дури 21 отсто заболеле од сексуално пренослива болест, додека 61 отсто абортирале или знаат жена која абортирала поради тоа.
За сѐ се виновни Кери и Саманта?
Истражувањето е инспирирано од популарната серија „Girls“ чие дејство ги следи неволјите на Хана и нејзините пријателки кои влегуваат во лоши врски, искусувајќи лош секс и очајнички сакаат да пронајдат задоволство во работата со која се занимаваат. Критичарите пишуваат дека серијата е многу пореален приказ на животот на 20-годишничките во големиот град отколку „Sex and the City“, а анкетата на „Glamour“ го потврдува тоа. Заведени од гламурозниот живот на Кери Бредшо и пријателките, 18 отсто од испитаничките верувале дека во своите дваесетти ќе имаат повеќе секс отколку што навистина имале.
Покрај љубовните проблеми, многу испитанички одговориле дека ниту во пријателството не им било лесно: 81 отсто од нив признале дека со пријателките често имале напнати односи, а најмногу ги нервирале пријателките кои ги откажувале плановите во последен момент.
Шокантни 20 отсто од младите жени признале дека понекогаш работат пијани. Незадоволни се кога станува збор за финансиите:61 отсто трошат повеќе отколку што заработуваат, а 16 отсто се постојано должни. Речиси половина не штедат, а 69 отсто чувствуваат притисок да бидат финансиски независни.
Џо Елвин од „Glamour“ вели дека резултатите потсетуваат на нејзините заблуди од младоста.
„Интересно и охрабрувачки е тоа што и денешните жени во 20-тите ги прават истите грешки што јас ги правев на тие години. Се чини дека човечкото суштество не може да се смени“, вели таа.