За првпат повеќе Венецуелци од Мексиканци при нелегални преминувања во САД

Венецуелците за првпат ги надминаа Мексиканците како најбројна националност задржана при нелегални преминувања на границите на САД, покажуваат податоците објавени викендов од Гранично-царинската управа на САД.

Бројките исто така покажуваат дека септември бил втор месец по бројност на задржувања од сите националности.

При влез од Мексико во САД од граничните патроли во септември биле уапсени 54.833 Венецуелци, двојно повеќе од 22.090 апсења во август и многу повеќе од 33.749 апсења во септември 2022 година.

Вкупниот број апсења при нелегален влез од Мексико во САД во септември се искачил до 218.763 или 21 отсто повеќе од 181.084 во август, приближувајќи се до највисоката бројка од 222.018 апсења во декември 2022 година.

За фискалната 2023 година која завршува на 30 септември биле извршени 2 милиони задржувања на нелегани имигранти или 7 отсто помалку од 2.2 милиони за претходниот годишен период.

Венецуела е во политичка, економска и хуманитарна криза веќе цела деценија што принуди над седум милиони луѓе да ја напуштат земјата. Првично тие беа сместувани во соседните земји, но во изминатите три години започнаа да доаѓаат и во САД, сместувајќи се во Њујорк, Чикаго и другите големи градови.

Прочитајте и:  Тимот на Трамп со остри критики за одлуката на Бајден: „Ова е како нова војна, сите претходни калкулации сега се ништовни“

Администрацијата на претседателот Џо Бајден неодамна најави дека ќе овозможи привремен легален статус на речиси 500.000 Венецуелци кои пристигнале во САД пред 31 јули 2023 година, но предупреди дека ќе ги депортира сите оние кои пристигнале нелегало по таа дата и не добиле азил.

На почетокот на октомври САД започнаа со депортации со авионски летови за Венецуела, дел од договорот за дипломатско размрзнување на односите со владата на Николас Мадуро, кој со години се сметаше за противник на САД.

– Постојано сме ангажирани со домашни и странски партнери да се справиме со историската хемисферска имиграција, вклучувајќи големи имигрантски групи кои патуваат со товарни возови и ги засилуваме напорите вклучувајќи подготовки за директна репатријација на Венецуелците, изјави Трој Милер, вршител на должноста комесар на Гранично-царинската управа.

МИА

- Реклама -