Судот во Аргентина донесе пресуда без преседан, со која Сандра, орангутан кој 20 години живее во зоолошката градина во Буенос Аирес, доби право на слобода. Судот, откако му се обратија адвокатите на активистите за права на животните, пресуди дека мајмунката има загарантирано право на живот и слобода.
Оваа пресуда е прва од ваков вид во светот и остави многумина со подзинати усти. Експертите тврдат дека ова може да е пресврт во тоа како гледаме на правата на животните и дека ако продолжи да се применува и во иднина, веројатно ќе се однесува само на животните од видот на Сандра, зашто само кај нив има 96%-на ДНК сличност со луѓето. Активистите пак, се надеваат дека оваа пресуда ќе значи пресврт за сите животни кои се држени во заточеништво.
Во сличен случај, на почетокот на декември, САД го отфрли барањето на активистите според кое заштитата на човековите права треба да се прошири и на шимпанзата. Тие бараа 4 шимпанза да бидат ослободени од кафезите и пуштени во резерват.
Инаку, кога за прв пат беше побарано човековите права да важат и за животни, судот во Албани, САД, пресуди дека „habeas corpus“ (закон кој ги штити граѓаните од незаконито апсење и заробеништво) не може да се однесува и на приматите, како што се однесува на луѓето. Очигледно, аргентинскиот суд постапи сосема спротивно на ваквиот став.
Управата на зоолошката градина има две седмици за да приложи жалба.