Луѓето фрлаат парички во фонтаните уште откако постојат паричките и фонтаните. Целиот почеток на традицијата се врти околу водата. Водата, нели, е витална за животот. За разлика од луѓето што денес живеат во развиениот свет и имаат чиста, питка вода во домашните чешми, луѓето од пораните периоди ја немаа таа среќа.
Така, местата каде што имаше чиста вода за пиење, многу од европските племиња ги сметаа за подарок од боговите. Идејата дека питката вода е дар од небото остана и кога се градеа бунари и фонтани. Често, до раните фонтани и бунари се наоѓа мала или средна статуа на некој бог, што ги трансформира во еден вид на светилиште. Како што знаеме, принесувањето на дарови на боговите е древна пракса и била користена за да ги задоволи и смири лутите богови, или како начин да се плати за упатената молитва. Во случајот на фонтаните и бунарите, луѓето фрлале паричка кога испраќале молитва – рана форма на посакување на желба.
Еден таков плоден бунар е оној во Нортхамберленд, Англија, на кој луѓеот се молеле на келтската божица Конвентина. 16.000 парички, од различни ери на Римската империја беа најдени на тоа место. Интересно е што и тогаш најчесто фрлани парички биле тие со мала вредност, исто како што денес луѓето се порасположени да фрлат некој цент отколку долари или евро.
Патем, не секогаш се фрлале парички. Еден бунар во Оксфорд – Pen Rhys, повикувал на фрлање на парче облека. Во овој случај, се сметало дека водата има лековите моќ и дека облеката ја носела болеста, па со фрлање на копче или парче од платното во бунарот, носителот ќе бил излечен. Фрлањето на облека во бунаров останало популарно дури до некаде кон средината на 18-от век.
Во денешно време, верувањето во боговите или лековитата вода значително ја изгуби популарноста, но луѓето уште ја практикуваат древната традиција на фрлање паричка, што во модерно време обично значи посакување на желба.
Веројатно најпознат пример е Фонтана ди Треви во Рим. Била изградена на завршната точка на 21-километар долгиот аквадукт наречен Virgo, по божицата која „ги водела жедните и уморни војници“ до места со чиста вода за пиење. Фрлањето паричка во фонтаната „носело“ здравје. Денес значењето е друго: ако фрлиш паричка преку рамото во фонтаната, еден ден ќе се вратиш во Рим.
Идејава за Треви беше популаризирана во филмот Three Coins in the Fountain од 1954 година, во кој се вели дека ако фрлиш две парички во фонтаната, ќе се заљубиш во Римјанин/ка (модерен/а), а ако фрлиш три парички – ќе се земете. По филмот, Треви стана толку популарна кај туристите што се проценува дека во фонтаната се фрлаат парички во вредност од околу 3.000 евра – дневно!
Кој ги собира? Секој ден, фонтаната е затворена во текот на еден час, кога Римската католичка добротворна организација Caritas ги собира парите, со кои потоа плаќа за храна за сиромашните и за засолништа за луѓето со СИДА. Паричките претходно се чистат, се подредуваат во зависност од вредноста и валутата, па се испраќаат во банката.