За мир во куќа

gallery-1454358861-couple-watching-tv[1]

Повеќето парови се расправаат барем четири пати неделно, покажуваат студиите. Во повеќето случаи, причини за конфликтите се задолженијата околу домаќинството и домот, или телевизиските програми. Тоа, пак, се покажа многу корисно, ама за некои други луѓе. 

Дури и тривијалностите можат да предизвикаат бура од емоции меѓу една двојка. На пример, недостатокот од помош во домашните обврски е честа причина за остри зборови од страна на понежниот пол, покажува истражувањето. Токму поради тоа во последно време се забележува бум на побарувачката на машини за миење садови, со што се намалуваат кавгите меѓу партнерите околу тоа кој да ги измие чиниите.

Ефектот на домашните кавги врз пазарот е толку логичен, што компаниите сакаат увид во тоа што се случува во домот, а може да придонесе за „одредени пазарни решенија“. Горенаведеното истражување е баш такво, нарачано од компанијата за мебел и апарати за домаќинство Trade Furniture Company од Британија, со цел да испитаат кога и дали воопшто кавгите водат кон купување на нов уред или мебел. Како што претпоставувале нарачателите, поврзаност навистина постои.

Се истакнува и модерната манија за комуникација наспроти стабилноста на семејното огниште. Наместо ресурсите да бидат задржани во домот/семејството, мажите и жените трошат сé повеќе пари за комуникација, што е и еден од најчестите поводи за домашни скандали. Кај жените тоа се прилично големите сметки за телефон, а кај мажите – манијата да ги поседуваат сите најнови технологии.

„Семејствата се караат откако светот светува. Единствената разлика помеѓу вчера и денес е поводот за кавгите”, вели директорот на менаџментот во компанијата – Тони Кларк.„Последните сондажи меѓу нашите клиенти покажаа дека современите технологии станаа главно јаболко на раздорот во модерните семејства“.

Бизнисот, очекувано, нема поплаки. На пример, се покажа дека значаен дел од трговијата со телевизиски приемници е поврзан токму со еден од домашните конфликти – жените инсистираат на своето право пред телевизорот, кое често знае да се совпаѓа со натпреварот на омилениот фудбалски тим на партнерот. Како резултат на тоа, сé поголем број на домаќинства веќе имаат барем по два телевизора. Истото особено важи и за персоналните компјутери.

Порано се гледаше и слушаше тоа што ќе пушти татко ти на ТВ и радио (често и во исто време). Денес имаме по еден телевизор и компјутер по глава на жител. Сé што треба, само за мир во куќа.

- Реклама -