Македонската публика ќе има единствена можност да ги проследи најдобрите и најнови филмови од светот на анимацијата на четвртиот Меѓународен фестивал за анимиран филм „Анимакс Скопје Фест“ што ќе се одржува од 4ти до 6ти декември во Кинотека на Македонија. Организаторите најавуваат богата програма и работилници за деца и возрасни преку кои учесниците одблизу ќе се запознаат со анимацијата и уметноста на создавање на овој жанр.
Во трите фестивалски денови ќе бидат прикажани 52 филмови и тоа 44 за возрасни и осум анимации за деца. Поголем дел од нив се носители на престижни награди и победници на филмски фестивали од А категорија. И годинава ќе бидат доделени награди за кои ќе одлучува интернационално жири.
„Филмот „The Wait Of May“ (Чекајќи го мај) на бардот на италијанската анимација Симоне Маси, кој е многу наградуван и автор на постерот за овогодишното издание на Venice Film Fest, ќе го отвори четвртото издание на „Анимакс Скопје Фест“. Секоја вечер ќе имаме по 100 минути анимација која ќе ги задоволи различните вкусови на филмофилите на фестивалот. Оваа година имаме еден македонски претставник, Иван Ивановски со филмот „Конзо“ што ќе биде прикажан првата фестивалска вечер. Втората вечер ќе ја отвори францускиот „Kiki of Montparnasse“ (Кики од Монтпарнас ), а третата италијанскиот „Beauty“ (Убавина)“. Интересно е да се спомене дека дел од програмата во петок,5ти декември, е и „Man On The Chair“ (Човек на столчето), овогодишен победник на Интернационалниот фестивал за анимиран филм „Annecy“ во Франција“, изјави на прес-конференција директорот на Фестивалот, Кузман Кузмановски.
Оваа година мото на фестивалот е „Ако сите светат, ти блескај“. Се пријавија рекордни 326 анимации од 52 земји во светот, а во официјалната програма ќе бидат прикажани 44 филмови за возрасни и осум филмови за деца.
Селектор на програмата е Благоја Куновски Доре, а за победниците и добитниците на наградите Златна, Сребрена и Бронзена Тула ќе одлучува четиричлено интернационално жири: М-р Мими Ѓоргоска-Илиевска од Кинотека на Македонија, Андреј Рубетској од Русија – режисер, аниматор, сликар и сценарист, Дорис Бауер од Австрија – ко-директор на филмскиот фестивал за краток филм Еспресофилм и главен куратор на меѓународната програма за фикција и документаристика при VIS Vienna Independent Shorts и Диме Ратајкоски – главен и одговорен уредник на МРТ и автор на повеќе од 50 документарни емисии,филмови и репортажи.
За Златната тула за најдобар филм за деца ќе гласаат дечињата во текот на трите фестивалски денови.
Наградите ќе бидат доделени на затворањето на фестивалот во сабота, 6ти декември.
Новина на овогодишното издание на фестивалот е соработката со Европската филмска академија ЕСРА Париз-Скопје-Њујорк Универзитетот за Аудиовизуелни Уметности – ЕСРА кој што ќе додели две стипендии од по 3.000 евра.
„За стипендијата може да се пријават сите ученици од четврта година средно образование и лица со завршено средно образование кои поседуваат основно познавање за цртање. Заинтересираните треба да ги испратат своите лични податоци (име и презиме, возраст и контакт телефон) заедно со цртежи во било која техника и на било која тема на мејлот на фестивалот: contact@animaxskopjefest.mk или animaxmacedonia@gmail.com најдоцна до 4-ти декември.Од пристигнатите апликации ќе се направи избор на шест апликанти кои ќе учествуваат на работилница за традиционална 2D анимација во сабота, 6ти декември, во просториите на Универзитетот, а предавач на работилницата ќе биде Гоце Господиновски од ЕСРА“, појасни Кузмановски.
Тој најави дека по завршување на фестивалот ќе биде објавен отворен повик за македонските аниматори за едноминутна анимација, исто така, во соработка со ЕСРА, а деталите ќе бидат објавени дополнително. Најдобрата анимација ќе биде наградена со стипендија во вредност од 3.000 евра.
Гостинката од Австрија, Дорис Бауер, ќе одржи работилница на 5ти декември, петок, во Кинотека на Македонија со почеток во 12 часот, на која ќе говори на тема „Филмските фестивали – поттик и потреба“.
Во сабота, 6ти декември, гостинот од Русија, Андреј Рубетској, режисер на познатиот цртан филм „Белка и Стрелка“, (Space Dog Family) ќе одржи работилница за деца на возраст од 8 до 13 години, под наслов „Трикови на анимирање“. Работилницата ќе се одржи во 13 часот во Кинотека на Македонија. Сите заинтересирани можат да пратат лични податоци на мејловите animaxmacedonia@gmail.com и contact@animaxskopjefest.mk.Бројот на учесници е ограничен.
Официјалната програма во трите фестивалски денови ќе почнува во 20 часот,а билетите ќе чинат 50 денари и ќе може да се набават на влезот на Кинотека на Македонија. Детската програма во четврток и во петок ќе ја следат деца организирани од основните училишта, додека проекцијата во сабота ќе почне во 12 часот, а влезот е слободен за сите заинтересирани. Организаторите на фестивалот, порачуваат дека билетите треба да се чуваат и по крајот на проекциите затоа што истите претставуваат бесплатен влез за клубот Midnight за датумот назначен на картата.
„Анимакс Скопје Фест“ е во организација на продуцентската куќа Аурипигмент, во соработка со здружението на граѓани Креативен центар Тинтири-Минтири од Скопје, со поддршка од Министерството за култура на Република Македонија и Град Скопје, а во соработка со Кинотека на Македонија.
Повеќе информации за фестивалот се објавени на веб страната www.animaxskopjefest.mk.